Знамето на Азербејџан е вклучено во Гинисовата книга на рекорди како најголемото развиорено знаме во светот, јавува Анадолу.
„Знамето на Азербејџан е внесено во Книгата на рекорди како најголемо знаме во светот. Неговата ширина е 36 метри, должината изнесува 72 метри, а вкупната тежина надминува 500 килограми,“ изјави Афсана Мехдиева, официјален претставник на Одделот на Приморскиот булевар во Баку.
Мехдиева рече дека знамето подигнато на Плоштадот на националното знаме во главниот град Баку е официјално вклучено во Гинисовата книга на рекорди на 6 ноември.
Претходно, знамето веќе беше внесено во книгата на рекорди за висината на јарболот, но тоа беше пред затворањето на плоштадот заради градежни работи во 2017 година, додаде таа.
„Во моментов, новиот сертификат е за големината на знамето поставено на плоштадот. Вклучувањето на нашето знаме во Книгата на рекорди е веќе официјално потврдено“, нагласи таа.
Според Гинисовата книга на рекорди, шест мајстори кројачи го шиеле знамето две недели.