Во Скопје се одржа комеморација по повод 86-годишнината од смртта на Ататурк

Под покровителство на Амбасадата на Туркије во Скопје, се одржа комеморативна церемонија по повод 86-годишнината од смртта на основачот на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, јавува Анадолија.

На свеченоста организирана во просториите на резиденцијата на турската амбасада, присутни беа амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, претставници на амбасадата, претставници на турските институции во земјава, турските пратеници на Собранието на Северна Македонија Салих Мурат и Бејџан Илјас, како и други гости.

Во 09:05 часот, по миг молк, беше интонирана турската химна.

Третата секретарка во амбасадата, Ирем Нур Ташер, меѓу другото, во својот говор рече дека Ататурк со своите постапки и зборови ги надминал границите на Туркије, и е ценет од целото човештво.

Ташер рече дека на средби со претставници на различни земји, нивните соговорници нагласуваат дека пораките што ги оставил Ататурк им биле како упатства.

„Со разбирање и спроведување на неговите принципи, можеме да ја консолидираме нашата земја како водечка држава во меѓународната заедница и да придонесеме за мирот и безбедноста во денешното високо сложено и чувствително опкружување. Ќе продолжиме да ја подигаме и одржуваме Република Туркије, најголемо дело на нашиот голем водач. Се сеќаваме со почит и благодарност на Гази Мустафа Кемал Ататурк, неговите соборци, сите наши маченици и ветерани“, рече Ташер.

 

извор:Анадолија