Ограничена е подготвеноста на Македонија, а останува малку време за исполнување на условите до први јануари 2026 година, кога Македонија ќе треба да плаќа такса од 70 до 80 евра од мегават час, ако произведува електрична енергија од јаглен, но и други производи чие производство е поврзано со високи емисии на јаглерод диоксид (CO2). Во прашање е механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – СВАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism (2023/956) кој опфаќа шест категории производи – железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија, произведени во трети земји кои треба да се увезат во земја членка на ЕУ. Целта на мерката е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или трета земја.
Од македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), објаснуваат дека механизмот е во комплементарност со Системот за тргување со емисии на ЕУ, кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на ЕУ и обезбедува рамноправност при увоз на стоки преку потребата за СВАМ сертификати.
На овој план подготвеноста на Македонија и земјите од Западан Балкан е ограничена, а останува малку време за исполнување на условите, велат од Министерството.
„Кога се увезуваат стоки опфатени со регулативата на СВАМ, важно е да се поседуваат соодветни податоци за емисиите на стакленички гасови за да може увозникот да ја процени потрбата за СВАМ сертификати. Повисок степен на декарбонизација подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови и затоа количината на серификати СВАМ потребни за увоз на одреден производ на пазарот на ЕУ е помала. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, се меѓу најпогодените бидејќи нивната подготвеност за усогласување со регулативата е ограничена. За жал, во изминативе години многу малку се правеше за обезбедување на потребните услови, а сега останува малку време за целосно исполнување на условите до први јануари 2026 година”, велат од МЕРМС.
Товар за извозниците, удар врз конкурентноста
Во таква ситуација, клучно прашање е – како таа такса ќе влијае врз конкурентноста на македонската економија и врз македонскиот извоз во ЕУ?
„Влијанието на CBAM врз конкурентноста на македонската економија зависи од брзината и успешноста на адаптирање на компаниите. Новиот надоместок може привремено да го зголеми финансискиот товар на извозниците, особено за компании кои немаат капацитети за обновлива енергија. Ова би можело да го направи македонскиот извоз помалку конкурентен во ЕУ, но со соодветна поддршка и подготовка, ќе може да се минимизира негативниот ефект”, велат од МЕРМС.
Оттаму тврдат дека таксата нема да се одрази на домашната потрошувачка на електрична енергија.
„СВАМ ќе се однесува само на делот од електричната енергија која е произведена од фосилни горива и која ќе биде извезена во земји – членки на ЕУ. Домашната потрошувачка на електрична енергија нема да биде засегната од СВАМ. Сепак, потребен е систем за докажување на потеклото на електричната енергија и тоа е она што нам ни недостасува – систем преку кој треба да се докаже потеклото на електричната енергија, дали е од јаглен, од гас или од обновливи извори на енергија (ОИЕ)”, објаснуваат од Министерството.
Засегнатите компании ги интересира дали постои можност давачката да се избегне или да се одложи, односно дали се водат разговори за тоа меѓу домашните надлежни институции со претставници на ЕУ, вклучително и за одредена финансиска помош во таа насока?
„За да се избегне CBAM, компаниите треба да докажат дека користат електрична енергија од обновливи извори“, објаснуваат од МЕРМС. „Воведувањето на CBAM ги поттикна компаниите да инвестираат во обновливи извори, а некои веќе поседуваат свои капацитети од обновлива енергија или планираат набавка на таква енергија, што може да ја елиминира потребата за надоместок. Најавата за воведување на ваквиот данок е и една од причините што имаме таков бум на капацитети од ОИЕ. Доколку биде изграден систем преку кој ќе може да се докаже дека потеклото на електричната енергија која се користи во производството е од обновливи извори на енергија, тогаш нема да се плаќа овој данок“, објаснуваат од Минстерството.
Привремен исклучок, под два услова
Во регулативата за CBAM механизмот бил наведен привремен исклучок од обврската за плаќање надоместок, само при извоз на електрична енергија во земја-членка на ЕУ, но за земјава да подлежи на тој исклучок треба да бидат исполнети два услови.
„Прво, да постигнеме целосно спојување на пазарите за електрична енергија и тоа за пазарот ден однапред и во тековниот ден, најдоцна до 31 декември 2025 година. Второ, да развиеме патоказ и да се обврземе на имплементација на механизам за наплата на јаглероден надоместок, со цена која ќе е еквивалентна на ЕУ ЕТС цената до 2030 година и да се заложиме за постигнување јаглеродна неутралност најдоцна до 2050 година“, ги објаснуваат од МЕРСМ двата услова.
Притоа, првата обврска е во надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и оттаму велат дека на неа се работи интензивно. Втората е во надлежност на Министерството за животна средина, и земјата треба интензивно да работи на воспоставување на систем за трговија со емисии, поточно првично за воведување на МRVA пакетот (monitoring, reporting, verification and accreditation) кој е дел од Директивата за ЕУ ЕТС 2003/87/ЕЦ.
DW