Таравари: На Македонија ѝ недостигаат најмалку 1000 лекари – најавено вработување на 600 приватни специјализанти

Во македонското здравство недостигаат најмалку 1000 лекари, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, во интервју за „Гласот на Америка“. Министерот најави дека Владата планира да вработи 600 приватни специјализанти, како и да реши статусот на 1200 здравствени работници кои работат со договор на дело.

„Македонија итно има потреба од минимум 1000 лекари до крајот на наредната година,“ истакна Таравари, додавајќи дека новите вработувања ќе вклучат 300 специјализанти до крајот на оваа година и уште 300 наредната година.

Министерот се надева дека со вработувањето на дополнителни 300-400 лекари ќе се постигне одржливост, особено во болниците низ земјата, за да се намали одливот на медицински кадар, кој на годишно ниво изнесува околу 250 лекари и друг здравствен персонал.

„Не можеме да гарантираме целосно запирање на одливот на кадар, но работиме на одржливо решение кое ќе ги задржи нашите професионалци во земјата,“ додаде Таравари, посочувајќи дека Владата е во консултации со синдикатите за подолгорочни мерки за задржување на медицинскиот кадар.