Трамп ги назначи Маск и Рамасвами да раководат со одделот за владина ефикасност

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ги назначи Илон Маск и Вивек Рамасвами за одговорни за новосоздадениот Оддел за владина ефикасност, давајќи му уште поголемо влијание на најбогатиот човек во светот, пренесува Ројтерс.

Маск и поранешниот републикански претседателски кандидат Рамасвами заеднички ќе го водат новосоздадениот Оддел за ефикасност на владата.

„Тој ќе го отвори патот за мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да ги намали непотребните регулативи, да го намали расипничкото трошење и да ги преструктуира федералните агенции“, рече Трамп.

Трамп информираше дека новиот оддел ќе ги исполни долгогодишните републикански соништа и „ќе обезбеди совети и насоки надвор од владата“, сигнализирајќи дека улогите на Маск и Рамасвами ќе бидат неформални, без да се бара одобрување од Сенатот, што ќе му овозможи на Маск да остане на чело на компанијата за електрични автомобили Тесла, платформата за социјални медиуми X и ракетната компанија SpaceX.

Новиот оддел, како што нагласи Трамп, ќе работи со Белата куќа и Канцеларијата за менаџмент и буџет за да „иницира големи структурни реформи и да создаде претприемачки пристап“ кон владата каков што досега не бил виден.

 

 

slobodnaevropa.mk