Ризик од рак на белите дробови поради електронските цигари?

Оние кои се откажале од пушењето, а потоа почнале да користат електронски цигари, имаат поголема веројатност да заболат од рак на белите дробови отколку оние кои не користеле електронски цигари, покажа студија спроведена во Јужна Кореја.

„Ова е прва голема студија заснована на популација која покажува зголемен ризик од рак на белите дробови кај корисниците на електронски цигари по откажувањето“, вели Џеон Вук Ким, раководител на студијата во Националната универзитетска болница Бунданг во Сеул.

Најголем ризик кај поранешните пушачи
Истражувачите ги испитувале медицинските досиеја на над четири милиони Корејци кои пушеле класични цигари. Тие ги проверувале податоците за девет години, од 2012 до 2021 година.

Истражувачите откриле дека 53.354 луѓе развиле рак на белите дробови, а 6.351 починале во меѓувреме.

Поранешните пушачи кои преминале на електронски цигари имале поголем ризик од дијагноза на рак на белите дробови и смрт од рак отколку поранешните пушачи кои целосно престанале да уживаат во никотин.

„Нашите резултати покажуваат дека кога станува збор за интервенции за одвикнување од пушење за да се намали ризикот од рак на белите дробови, мора да се земе предвид и потенцијалната штета од користењето на електронските цигари како алтернатива на пушењето“, посочува Ким.

 

DW