Рускиот претседател Владимир Путин го покани српскиот претседател Александар Вучиќ да ја посети Москва на 25 мај следната година, кога ќе се одбележи 80-годишнината од победата во Втората светска војна, јави Српската радио-телевизија (РТС).
„Ве поканувам да учествувате на свеченостите по повод 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна, што ќе се одржи во Москва на 9 мај 2025 година“, рече Путин.
На прашање на Радио Слободна Европа, од Кабинетот на претседателот на Србија ниту ја потврдија ниту ја демантираат таа информација.
Меѓу другото, Путин во поканата наведува дека е убеден оти зачувувањето на „сеќавањето на големата победа ќе ја зајакне заедничката определба“ за зголемување на „конструктивната соработка со цел да се обезбеди мир и безбедност на планетата“.
Претходно Путин го покани Вучиќ да се приклучи на Самитот на БРИКС што се одржа во октомври во рускиот град Казан. Сепак, Вучиќ не се одзва на поканата со образложение дека Србија во тој период ќе има важни гости.
Србија ја посети претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и лидерите на земјите од Европската унија – полскиот премиер Доналд Туск и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
slobodnaevropa.mk