Осудени сите 13 велешани кои сексуално злоставуваа 15 годишна малолетничка на повеќе локации во Велес.
По скоро десет месеци процес зад затворени врати, скопскиот кривичен суд денеска ги осуди сите 13 обвинети од велешката група обвинети за случајот со злоставувањето на 15 годишната малолетничка од Велес. Сите одговораат за Трговија со малолетно дете, Силување и Прикажување порнографски материјали на малолетник… Првобвинетиот доби 5 и пол години завтор, четворица по четири и четири ипол, петмина година и пол, еден година и 3 месеци, а еден условна казна од 2 години затвор.. Воедно, судот на првите 5 осудени лица им определи мерка куќен притвор до правосилноста на постапката.
Дел од осудените, кои се на возраст од 20 до 32 години, пред изрекувањето на казната ја напуштија судницата, не сакајќи да бидат снимани и прикажувани пред јавноста. За кратко време тие се вратија да ја слушнат пресудата.
Јавноста беше исклучена во моментот кога судијката Даниела Димовска ги образложуваше дејствијата кои обвинетите ги извршиле врз оштетената девојка.
Адвокатите на дел од обвинетите не се задоволни од пресудата.
Инаку, првично во случајот кој ја потресе земјава, беа вклучени 15 лица, од кои двајца се спогодија со Обвинителството, а 13 беа во притвор, од кои еден од нив во куќен.
Скандалот, според обвинителството, траел од декември 2021 и продолжил и во 2022 година.
Според обвинителството, забавите се случувале во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето.