Црногорскиот амбасадор Миљаниќ во посета на општина Охрид

Новоименуваниот амбасадор на  Црна Гора во Република Македонија,  Н. Е. Зоран Миљаниќ во придружба на црногорскиот конзул   Миодраг Андријашевиќ, денеска  беше во прва официјална посета на Општина Охрид.

На средбата со градоначалникот Кирил Пецаков се разговараше за зајакнување на економската соработка на Охрид со збратимените градови Будва и Котор, а се разгледуваа и можностите за воведување авио линија Подгорица – Скопје – Тиват и директна авио линија Подгорица – Охрид.

Двете страни разменија мислења за реализација на заеднички културни активности и настани, како и соработка во областа на спортот.

Високата делегација од Црна Гора беше информирана и за финансиската состојба на Општина Охрид. Притоа беше истакнато дека актуелната локална власт целосно го исплати наследениот долг на општината и успеа да ја одблокира банкарската сметка којашто има позитивно салдо. Стана збор и за капиталните проекти на општинската власт кои се предвидени за наредната календарска година.