Жителите на Донбас: „Ситуацијата е застрашувачка“

0
251

Жителите на Донбас изјавија дека ситуацијата во тој украински регион е „застрашувачка“ по руската воена инвазија на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Аркадиј, жител на Краматорск, рече дека се надева оти ситуацијата наскоро ќе се подобри.

Иако слушал повремени експлозии, тој рече дека оди на работа.

Пред банкоматот може да се видат луѓе кои чекаат во редици за да подигнат пари, додека звуците на борбените авиони одекнуваат на небото.

Во меѓувреме, украинските власти ги повикаа граѓаните да останат дома и да не паничат.

Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека руската инвазија започнала со ракетни напади врз главниот град Киев.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски рано утринава прогласи вонредна состојба во земјата.

Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека наредил специјална воена операција во регионот на Донбас по неколкунеделното распоредување војници на границите на Украина.

извор: Агенција Анадолија (АА).