Војна во Украина: Стариот поредок во урнатини

Рускиот напад врз Украина преку ноќ го промени светот. Насилното поместување на границите од страна на Путин може да најде имитатори.

Германскиот канцелар Олаф Шолц  рускиот напад врз Украина го нарече „еклатантно прекршување на меѓународното право“. Путин го доведе во прашање „мировниот поредок на нашиот континент“. „Денес се разбудивме во поинаков свет“, рече пак германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. И шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, зборуваше за „најцрниот час за Европа од крајот на Втората Светска Војна“. Зборови на политичари, кои не го изразуваат соодветно она што многумина сега го доживуваат како пресвртница.

Уништени надежите од 1990 година

Ненасилство, неповредливост на границите, самоопределување, тоа беа столбовите на повоениот поредок. Вистина е дека два добро вооружени спротивставени блока стоеја еден наспроти друг за време на Студената војна. НАТО од една страна и Варшавскиот пакт, кој беше предводен од Советскиот Сојуз, од друга страна. Но, многумина се надеваа дека со крајот на социјализмот во 1989/90 година и распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, оваа конфронтација ќе биде надмината.

И потоа имаше војна во Европа, на пример кога Југославија се распадна во првата половина на 1990-тите. Но, големината на овој напад од страна на една голема сила фрла во сенка сè од Втората светска војна наваму.

Сега и источните држави членки на НАТО и на ЕУ, пред сѐ трите балтички републики Естонија, Летонија и Литванија, се прашуваат дали и тие се под закана. Тие имаат долги граници со Русија или Белорусија, која е сојузник на Москва, и имаат силни малцинства кои зборуваат руски и порано припаѓаа на Советскиот Сојуз. Поранешната претседателка на Литванија, Далија Грибаускајте на Твитер напиша: „Санкциите нема да го спречат напаѓачот“. „Воените злосторници“ можат да бидат запрени само „на бојното поле“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги увери источните земји-членки дека воената Алијанса ќе направи сѐ што може за да ги заштити сите сојузници.

Кога се во прашање балтичките земји, западни воени експерти уште во 2016 година изразија сомневања дека НАТО навистина може да ги одбрани трите држави. Во истражувањето на американскиот тинк-тенк РАНД, во кое соработуваше и поранешниот командант на НАТО, Егон Рамс, се посочува дека Русија лесно може да ги блокира трите држави и да го прекине дотурот на трупи и опрема на НАТО кон север. Пешадијата на НАТО „не би била во состојба ниту да се повлече. Таа би била уништена на лице место“. Ќе преостане само обид за повторно освојување на балтичките држави. Но, тоа би завршило „со катастрофа“.

Пандорината кутија

Ако поместувањата на границите повторно се извршуваат насилно, а пред сè ако бидат толерирани од меѓународната заедница, ова би можело да ја отвори Пандорината кутија, ако предвид се имаат многуте територијални претензии, кои земјите ширум светот ги имаат кон други држави. На пример, Кина полага право на островот Тајван. Србија, која има добри односи со Русија, би можела да се обиде да ја прошири својата територија за да ја вклучи Република Српска, која е дел од Босна и Херцеговина.

Пензионираниот полковник Волфганг Рихтер од Фондацијата за наука и политика за ДВ вели: „Во 1990 година се договоривме дека како и да настанале европските граници, ќе ги оставиме такви какви што се и оти сега ќе веруваме во безбедносната соработка на суверените држави кои работат заедно и живеат во пријателство и почитување на меѓусебните безбедносни интереси. И дека сега не сакаме да ги менуваме овие граници. Тоа само води кон хаос, бидејќи тогаш потенцијално би можеле да имаме војни низ цела Европа“.

Наивна Германија?

Конкретно за Германија, инвазијата превртува наопаку сѐ во што нејзиното политичко раководство верува со децении. Поради сопствената историја на националсоцијализмот и Втората светска војна, Германија особено се залагаше за намалување на тензиите и за разбирање. „Сега е време Германија да се разбуди“, предупредува украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник. „ На Запад беа игнорирани сите предупредувања, вклучително и во Германија“.

Некои политичари сега го признаваат тоа. „Веројатно сите ние во Германија – а не се исклучувам и себеси –  бевме премногу лековерни“, рече лидерот на демохристијанската партија ЦДУ, Фридрих Мерц за весникот „Велт“.

Поранешната министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер е уште појасна: „Толку сум лута на нас затоа што историски потфрливме“, напиша таа на Твитер. Поранешните канцелари како Хелмут Шмит и Хелмут Кол знаеја „дека преговорите секогаш имаат приоритет, но мора да се биде толку силен воено, што непреговарањето нема да биде опција за другата страна“,  напиша политичарката на ЦДУ.

САД остануваат најважната гарант на безбедноста

Инвазијата, исто така, би можела да изискува и од Вашингтон да го промени курсот. Претседателот Џозеф Бајден вети дека САД и нивните сојузници ќе дејствуваат „обединето и решително“. Ова единство не секогаш беше разбирливо само по себе во последниве години, особено не за време на годините на Доналд Трамп, кој првично го доведе во прашање самиот НАТО-пакт. Но, и пред Трамп, САД преориентираа од Европа и бараа поголема одговорност од Европејците, особено на воен план. Тонот под Бајден повторно стана попомирлив, но сепак остана определена дистанца.

„САД се повторно – и во принцип спротивно на нивните планови и очекувања – гарант за европската безбедност“, вели Јоханес Варвик, експерт за надворешна политика од Универзитетот во Хале. „Сега мораме повторно да го активираме стариот концепт на единство и утврдување против Русија. Тоа значи дека треба да го зајакнеме источното крило на НАТО и со одвраќање да му покажеме на Путин до каде е границата“, рече изјави тој за ДВ.

Кој досега беше надвор, ќе остане надвор

Но, што е со земјите во Источна Европа, како Украина или Грузија, кои досега залудно се обидуваа да побараат заштита од НАТО? За еден дел од Европа, „поредокот од 1990 година лежи во урнатини“, вели за ДВ, експертот за безбедност Рафаел Лос од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи. „Можеме повторно да се најдеме во ситуација во која се води борба за меѓупросторите, во која во преден план ќе биде одбрана на земјите кои се веќе во клубот, отколку обидите за интегрирање на земјите, кои се надвор од клубот“.

Лос верува дека тоа ќе доведе до „многу фрагментирана Европа“ во догледна иднина односно до враќање во ситуација во која земјите од ЕУ и од НАТО „веќе не се толку подготвени да им излезат во пресрет на овие земји“.

„Тоа би бил билет за глобална граѓанска војна“

Претседателката на Бундестагот, Бербел Бас на својот украински колега Руслан Стефанчук му напиша: „24 февруари 2022 година ќе влезе во историјата на Европа и на целиот цивилизиран свет како црн ден“.

Овој 24 февруари 2022 година промени многу, особено во претставите за тоа каков е светот или каков треба да биде. И ги уништи илузиите, можеби во Германија повеќе отколку на кое било друго место. Политикологот Јоханес Варвик предупредува: „Мора да остане исклучок , границите да се поместуваат со воена сила. Во спротивно, ние во Европа, но и многу пошироко, ќе завршиме во ѓаволска кујна, а тоа би бил сигурен билет за глобална граѓанска војна“.

извор/фото: Дојче Веле