Еврото се стабилизира а доларот во благо ослабнување

0
310

Денес, трговската активност на светските берзи е релативно мирна, а вниманието на инвеститорите е насочено кон развојот на кризата во Украина.

Некои аналитичари ја припишуваат помирната атмосфера на пазарите на руско-украинските разговори за прекин на огнот одржани во понеделникот, иако двете страни не успеаја да ги усогласат своите ставови.

Американскиот долар, кој минатата недела порасна поради бегството на инвеститорите кон сигурни средства, денеска благо ослабе. Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте главни ривали, се „лизна“ на 96.707 поени, пренесува Ројтерс.

Еврото се стабилизира и се тргува со стапка помала од 0,1 отсто од вчера, на 1,12145 долари.

Сепак, единствената валута на еврозоната падна на најниско ниво во однос на швајцарскиот франк од 2015 година, на 1,0267 франци, што укажува на сè уште покачено ниво на одбивност кон ризикот на инвеститорите.

Депозитите по видување на Националната банка на Швајцарија забележаа незначителни промени во февруари, што укажува на тоа дека централната банка на земјата можеби се откажала од обидот да ја забави апрецијацијата на франкот.

Сигурниот јен се повлече од највисокото ниво во однос на доларот во последните речиси седум недели, кое го достигна во понеделникот.

Економистите проценуваат дека меѓу валутите на Групата 10 индустриски развиени земји, шведската круна, еврото и британската фунта би можеле да настрадаат најмногу доколку западните санкции против Русија го загрозат протокот на руски гас во Европа, додека норвешката круна сè уште може да има „ ветер во грб”. поради високите цени на бензините.

Австралискиот долар на почетокот на денешното тргување забележа највисоко ниво во однос на американскиот колега од средината на јануари, а според последните расположливи податоци е во пораст од 0,2 отсто на 0,7276 американски долари, што е трет ден по ред на раст.

Централната банка на Австралија денеска ја задржа основната каматна стапка на рекордно ниско ниво, наведувајќи ја војната во Украина како главен нов извор на несигурност и порача дека ќе биде трпелива во однос на заострувањето на монетарната политика.

Рубљата ги неутрализираше вчерашните големи загуби во однос на доларот, кога падна на историски најниско ниво од 120 рубљи за долар. На денешното претпладневно тргување се промени на ниво од 93,4 рубљи за долар, поткрепено со одлуката на централната банка за зголемување на референтната каматна стапка и наредбата на надлежните органи извозните компании да продаваат 80 отсто од девизната заработка на пазар.

На крипто пазарот, биткоинот синоќа скокна на 12-дневен максимум од над 44.000 долари.

 

извор/фото: агенции