Потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

0
224

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Кире Василев го потпишаа Меморандумот за соработка меѓу двете институции, чија што примарна цел е воспоставувањето и регулирањето на соработката меѓу двете институции во насока на обезбедување на заеднички придонес кон зајакнување на улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во почитувањето на правата на граѓаните, преку обезбедување на потребни податоци кои ги обработува и со кои располага Министерството за внатрешни работи.

Овој документ за меѓусебна соработка на двете институции, МВР и КСЗД, претставува рамка во која ќе се развива меѓусебното партнерство во повеќе сегменти, пред сѐ во делот на квалитетна и ефикасна размена на информации, податоци, искуства, знаења, едукација и обука, како и остварување на други видови на соработка согласно законски утврдените надлежности на двете институции.

Во оперативна смисла, покрај конкретизирање на размената на информации и податоци, со Меморандумот за соработка се предвидуваат низа различни форми на заедничко делување – како учество на заеднички состаноци, работни групи, предавања, дискусии, работилници, обуки, тркалезни маси, конференции, како и заедничко подготвување на извештајни анализи и други форми на соработка, сѐ со цел квалитетно функционирање на Комисијата во делот на надлежности каде што е потребна и партиципација на МВР.