Лавров: „Состанокот со високиот дипломат на Украина покажа дека ништо не може да го замени преговарачкиот процес“

Денешниот состанок со високиот дипломат на Украина покажа дека ништо не може да го замени преговарачкиот процес, рече рускиот министер за надворешни работи по трипартитната средба со украинскиот и турскиот колега во Турција, средба на највисоко ниво од таков вид откако започна војната пред две недели.

Говорејќи на прес-конференцијата по разговорот, Сергеј Лавров го предупреди Западот да не ѝ дава оружје на Украина, тврдејќи дека земјите што тоа го прават „креираат закана за себе затоа што немаат контрола за употребата на тие оружја“, објави Агенција Анадолија (АА).

„Странските колеги, вклучително ЕУ, дејствуваат опасно кога испорачуваат смртоносно оружје во Украина“, рече Лавров, додавајќи дека „оние кои испраќаат оружје во Украина или поттикнуваат платеници, ќе бидат одговорни за своите постапки“.

Во врска со руското бомбардирање на болницата за породување во средата, во Мариупол, Украина, Лавров рече: „Западните медиуми ги извртеа фактите за бомбардирањето на болницата за породување во Мариупол, бидејќи таму нема пациенти“, додавајќи дека Москва доставила доказ на ОН дека објектот се користи од баталјонот „Азов“, украинска милиција која се поврзува со нацизмот.

Лавров, исто така, тврди дека украинскиот претседател Владимир Зеленски се согласил за денешниот состанок за да „се покаже“, а не за вистински да се решаваат проблемите.

Тој додаде дека претседателот Владимир Путин не одбива да одржи состанок со Зеленски, туку дека за тоа треба да се направат повеќе подготовки.

„Путин никогаш не избегнува контакти. Ние едноставно не сакаме овие контакти да се случуваат [само] за [празни] зборови“, рече Лавров.

„Русија немаше да ја започне „воената операција“ во Украина ако Западот не го отфрли предлогот на Москва за безбедносни гаранции“, вели Лавров, тврдејќи: „Сѐ што е руско беше нападнато и се напаѓа во Украина.“

извор: Агенција Анадолија (АА).