„Колку што сум информиран во текот на утрешниот ден практично имаме во Парламентот два закони кои што по скратена постапка треба да се донесат, а тоа е измената во законот за додадена вредност и измената во законот за акцизи. Иако ние тоа го предложивме уште таму некаде на крајот од минатиот месец за жал поради самобендисаноста би рекол и надменоста на оваа Влада, граѓаните изминативе две недели плаќаа за неколку десетици денари за литар поскапо гориво“,истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Мицкоски додаде дека за жал Владата е таква, и поради нивната неспособност граѓаните плаќаат поскапо гориво изминативе две недели.
„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите деновиве, јас следејќи го она што е на меѓународните портали, следејќи го она кое што е актуелно во светот не очекувам дека нешто бргу ќе се измени во насока на смирување еве на состојбата каде што е конфликтно подрачје во моментов и каде што се случува тоа што се случува. И некако не можам да ја издвојам Македонија од сето тоа и дека граѓаните во Македонија бидејќи немаше план за справување оваа Влада со сето ова кое што денеска се случува, ќе трпат последици на семејниот буџет на стандардот. Ќе трпат и тоа е само како резултат на погрешните политики и немањето стратегија и визија на актуелната Влада“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека од власта ќе бараат разно разни оправдувања, но тоа нема да им помине бидеjќи граѓаните им ја прочитаа неспособноста.