Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен – граѓаните врз основа на шпекулации, плаќаат и повисока цена за промена на валутите и губат средства

0
350

Со целата одговорност, Народната банка стои зад тоа дека денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен. Нема причина за промена на курсот, тоа никому нема да му користи, вели во интервју за МИА гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа посочува дека Народната банка има капацитет и инструментариум да го одбрани курсот на денарот, доколку се јави потреба за тоа, за што говорат и изминатите речиси три децении, кога низ многу кризи успешно е одржана стабилноста на домашната валута. Девизните резерви се високи и изнесуваат 3,4 милијарди евра или се на двојно повисоко ниво во однос на 2008 година, која беше година на глобална финансиска криза, а стабилноста на денарот беше успешно задржана.

Во однос на информациите дека на пазарот нема девизи, гувернерката вели дека тоа не е точно и апелира до граѓаните да не подлегнуваат на ваквите шпекулации.

– Морам да го адресирам ова прашање, бидејќи реално овие шпекулации на граѓаните им создаваат материјална штета. Сведоци сме дека, во време кога се зборува за криза, сè уште дел граѓани прибегнуваат кон претворање на заштедите во девизни или да купуваат девизна готовина. Покрај тоа, се јавуваат и шпекулации дека на пазарот нема девизи, што апсолутно не е точно. На овој начин се прави неосновна паника и граѓаните, врз основа на шпекулации, плаќаат и повисока цена за промена на валутите и губат средства, нагласува гувернерката.

Во интервјуто, гувернерката открива и дали ќе има двоцифрена инфлација и дали Народната банка планира мерки слични на оние за време на здравствената криза кога имаше времено одложување на кредитните обврски на граѓаните и на фирмите.

Гувернерке, руско-украинската криза очигледно дека се одразува врз економијата. Иако нема директни последици врз нашата економија, сепак растот на цените на храната и енергентите на светските берзи се чувствува и кај нас. Трошоците на живот секојдневно растат. Предвидувањата на дел од експертите се дека нè очекува двоцифрена инфлација. Колку се реални ваквите очекувања?

– Директната изложеност на нашата економија кон руската и украинската економија вистина дека е мала, но уште на почетокот, пред да ескалира конфликтот, укажавме дека индиректни ефекти се очекуваат преку цените на енергентите и храната и преку намален раст на европската економија. Ова доаѓа оттаму што нашата економија е отворена кон европската економија (77 проценти од нашиот извоз е кон ЕУ), а европската економија е изложена кон руската и украинската економија. Изложеноста е особено висока кон Русија преку увозот на енергенти, со оглед дека Русија е главниот снабдувач на ЕУ со сурова нафта, природен гас и цврсти фосилни горива. Оттаму, главните ризици за европската, а преку неа и за нашата економија, се повисока инфлација и понизок економски раст. Всушност, самата повисока инфлација се очекува дека ќе го сопре трендот на постепеното закрепнување на личната потрошувачка со што неповолно ќе се одрази врз растот.

Дека тоа е така посочуваат и последните проекции на Европската централна банка (ЕЦБ), објавени во четвртокот. Според ЕЦБ, проекцијата за инфлацијата во еврозоната е ревидирана нагоре и се очекува за оваа година да изнесува 5,1 проценти, а потоа се очекува да се намалува до нивото од 2 проценти, коешто го цели централната банка. Притоа, во одредени сценарија може да достигне и до 7,1 проценти за оваа година. Од друга страна, проекцијата за растот на еврозоната е ревидирана надолу. Во овој контекст, ЕЦБ сè уште не ја затегна монетарната политика, односно не донесе одлука за пораст на каматните стапки, а продолжи да вбризгува ликвидност во економијата, иако со нешто помал интензитет од претходно очекуваниот.

Во однос на инфлацијата кај нас, присутни се нагорни ценовни движења – феномен присутен во сите земји во моментов. Овој феномен е главно одраз на раст на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и погенерално раст на увозните цени на другите производи. Ова особено доаѓа до израз во економии кои се увозно зависни, односно каде значен дел од потрошувачката е увезен, како што е нашата економија. Всушност, ние сме трговски најотворена економија во регионот на Западен Балкан, а во регионот на Централна Југоисточна Европа сме петти по отвореност.