Зеленски: Војната на Русија против Украина ќе заврши со срам и сиромаштија

0
428

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека санкциите против Русија во последните недели ќе ја остават земјата во „срам и сиромаштија“ и во „години на изолација“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во своето дневно видеообраќање преку Телеграм, Зеленски ги повика руските бизнисмени и останатите граѓани да се спротивстават на војната.

„Граѓани на Русија! Секој од вас кој има пристап до вистинити информации веќе може да сфати како ќе заврши оваа војна за вашата земја. Во срам и сиромаштија. Години на изолација. Многу суров, репресивен систем кој ќе ги третира граѓаните на Русија на ист нехуман начин како што вие, напаѓачите, се однесувавте кон Украинците. Што ќе се случи следно, зависи од вашите постапки“, порача тој.

Зеленски им се обрати и на своите сограѓани, Украинците.

„Слободни луѓе на слободна земја! Осум години војна во Донбас, 20 дена целосна инвазија. Третата недела само што не завршила. Сите сакаме мир. Што е можно поскоро. Сите сакаме да победиме. И секогаш постои чувство дека уште малку, и ќе го добиеме она што ни припаѓа, Украина. Но, сè уште се потребни напори. Потребно е трпение. Треба уште да се бориме. И да работиме – секој на своето место“, рече тој.

Истакнувајќи дека во тек се напорите за ставање крај на војната, за воспоставување примирје и запирање на руските напади, тој ги повика Украинците на трпеливост додека ги чекаат резултатите од тековните преговори.

„Тоа е важно. Тешко е, но важно, бидејќи секоја војна завршува со договор. Состаноците продолжуваат“, рече Зеленски.

Зеленски ги обвини „окупаторите“ за извршување на нови и очигледни воени злосторства.

Истакнувајќи дека руската војска врши напади врз мирни градови и цивилна инфраструктура, тој рече: „Бројот на ракети што Русија ги употреби против Украина веќе надмина 900. Има толку многу бомби што е невозможно да се избројат.“

Тој, исто така, рече дека одлуката за зајакнување на воздухопловниот арсенал на Украина сè уште не е донесена бидејќи земјата сè уште не добила авиони.

Украинскиот претседател ги повика западните земји на понатамошно заострување на санкциите против Русија додека не ја прекине војната.

Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва, а земјата ја напуштија голем број светски компании.

Најмалку 691 цивил загинаа, а 1.143 се повредени во Украина од почетокот на војната.

Според ОН, над 3 милиони бегалци пребегале од Украина во соседните земји.

извор: Агенција Анадолија (АА).