Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања истакна дека донесената одлука за рационализација на трошоците за институциите мора да се почитува.
„Со вчерашната одлука секоја набавка за мебел или на коли мора да биде одобрена од страна на Владата и тоа ќе биде направено само во случај доколку е неопходно. Во однос на другите трошоци, тековните трошоци, трошоците за стоки и услуги со овие мерки сите буџетски корисници и единки корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10%, исто така и трошоците за репрезентации се намалени за 50%. Контролата ја врши Министерството за финансии кое има увид на дневна основа за нивното работење и трошоците, а додека за ЈП и трговските друштва во државна сопственост имаат обврска на три месеци да поднесуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски систем кои потоа се разгледуваат на Влада“, рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека кога се правеше Буџетот за 2022 година тековните трошоци се намалени за 8%, мебелот беше предвиден само за опремување на касарните и училиштата таму каде што е потребно, а колите беа предвидени за инспекциски служби и за другите институции каде се неопходни.