СОНК најавува генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања – бараат усогласување на платите на вработените

Масовен јавен протест или генерален штрајк на вработените во образованието, најавија од СОНК доколку не се постигне договор со Владата за усогласување на платите на просветните работници.

Советот на СОНК ќе заседава во сабота, а на седницата ќе треба да се донесат одредени заклучоци за кои Синдикатот одобрение и поддршка ќе бара и од членството. Не ја исклучуваат можноста одлуката на Советот да биде протест или штрајк. Ќе се активира доколку не се најде заедничко решение со Владата за усогласување на платите во образовната дејност на национално ниво согласно Колективните договори.

Според СОНК усогласувањето треба да важи за вработените во основното, средното и високото образование, како и за оние во ученичките и студентските домови.

„Револтот од членството е огромно, членството очекува од нас енергична синдикална акција. Се додека не се исцрпат сите синдикални средства ќе се обидеме да најдеме заеднички јазик со надлежните“, рече на денешната прес конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков.