ОН: Од почетокот на војната во Украина раселени се 10 милиони луѓе

0
562

Војната на Русија во Украина протера 10 милиони луѓе од своите домови, соопшти шефот на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Војната во Украина е толку разорна што 10 милиони пребегаа или се раселени внатре во земјата или како бегалци во странство“, напиша на Твитер Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци.

„Меѓу одговорностите на оние што водат војни, насекаде во светот, е страдањето што војната го нанесува врз цивилите кои се принудени да ги напуштат своите домови.“

Според податоците на ОН, речиси 3,4 милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на војната на 24 февруари, од кои повеќе од 2 милиони се примени од соседна Полска, речиси 530.000 од Романија и над 362.000 од Молдавија.

Се проценува дека околу 6,5 милиони се внатрешно раселени во Украина.

Воените дејствија во Украина ги одзедоа животите на најмалку 847 цивили, а оставија повредени околу 1.400 лица, соопштија ОН, нагласувајќи дека реалните бројки веројатно се многу повисоки бидејќи условите на теренот ја отежнуваат нивната проверка.

извор: Агенција Анадолија (АА).