Тројца загинати во експлозијата во фабрика за експлозивен материјал во грчкиот град Гревена

0
414

Тројцата вработени кои се водеа за исчезнати по силната експлозија што рано утрово се случи во фабриката за производство на експлозивен материјал во близина на градот Гревена во северна Грција, се пронајдени мртви, а нивната смрт ја потврдија од компанијата, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во исклучително непријатна ситуација сме да ја потврдиме смртта на тројцата вработени, кои се наоѓаа во нашата фабрика во Гревена за време на несреќата, пишува во соопштението од компанијата што го пренесуваат грчките медиуми.

Несреќата се случи кусо пред девет часот утрово, а според локалните медиуми експлозијата била толку силна што се слушнала и во градот што е на оддалеченост од околу 30 километри.

Причините за експлозијата сè уште се непознати, а од фабриката соопштија дека целосно соработуваат со надлежните органи во истрагата за одредување на точните околности под кои се случи несреќата.

 

МИА