Груби: Мислам дека конечно еден од приоритетите на Албанците е исполнет, сега е време да се свртиме кон економијата

Граѓанските права и евроатланските интеграции се исполнети и тоа се двата приоритети, сега е време за економија, најави вечерва првиот вицепремиер Артан Груби во дебатниот магазин Клик Плус на ТВ21.

-Со Охридскиот договор со сите одлагања и задоцнета имплементација на одредбите сега мислам дека конечно еден од приоритетите на Албанците е исполнет. Тоа беа граѓанските права, законите за јазик, за симболите, верувајте беше тешко, затоа траеше и толку долго, но сега тоа е исполнето. Другиот приоритет беа евроатланските интеграции на земјата, моравме да се осигураме дека оваа земја нема да фати некој друг пат, накај Русија или некаде друго затоа што тоа ќе беше погубно за оваа држава. Сега сме членка на НАТО и сме на пат да станеме членка на ЕУ, со тоа се исполнува и вториот приоритет. Затоа велам сега е време да се свртиме кон економијата, кон капиталните инвестиции, кон подобрување на животот на граѓаните, изјави Груби.