Куќа во која сопственикот ужива во внатрешниот двор

Сместена среде природен резерват во местото Мандаи, оваа куќа на својот сопственик му подарила мир и спокојство што ретко се среќава на остров толку блиску до Сингапур. Интересно е што сопственикот побарал од архитектите да проектираат приземен објект на островот каде што секоја педа земја е скапоцена.

Ваквиот став е во спротивност со вообичаената практика за максимално искористување на дозволената изграденост, одобрена од градската управа за урбанизам. Куќата е проектирана во ортогонален растер, со атриум во средината. Истражувајќи ги можностите и поместувајќи ги границите помеѓу внатрешниот и надворешниот простор, архитектите од сингапурското биро ATELIER M+A се обиделе да ги концентрираат сите простории околу заеднички двор, со што се формира прстенеста структура. Овој концепт е создаден во желбата да му се овозможи на сопственикот да ужива во отворениот и безбеден простор внатре во објектот во текот на вечерта, по напорна работа.

Главниот влез во куќата е нагласен со голема конзолна настрешница, која и покрај големите димензии остава впечаток на лесна лебдечка форма. Фиксиран е со помош на затеги кои не се видливи од перспектива на посетителот и се чини дека лебди пред призматичниот волумен на објектот, без воопшто да го оптоварува. Во куќата има уште еден влез, кој е поинтимен, а се наоѓа од бочната страна. До него се стигнува по патека од правилно наредени квадратни камени плочи. Оттука се влегува во кујната, која е директно поврзана со просторот за скара.

Денивелација на предниот дел на објектот на повисоко ниво е подредено на уште една интересна идеја на архитектите – да се постават клупи од двете страни на дневната соба и трпезаријата, по целата должина на бочните ѕидови, со цел да се овозможи седење и уживање во градината пред куќата и атриумот од другата страна на заедничките простории.

Порта3.мк