Вил Смит му се извини на Крис Рок за шлаканица на Оскарите, вели дека неговото однесување е „неприфатливо и неоправдано“

Вил Смит му се извини на Крис Рок откако му удри шлаканица на Оскарите и рече дека неговото однесување е „неприфатливо и неоправдано“.

„Би сакал јавно да ти се извинам тебе, Крис“, рече тој во изјавата. „Претерав и згрешив“.

Претходно филмската академија на Оскарите го осуди Смит поради инцидентот и најави формална истрага на случајот.

Ѕвездата му удри шлаканица на Рок во лице на бината откако комичарот се пошегува на сметка на сопругата на актерот, Џејда Пинкет Смит.

Набргу потоа, Смит го доби првиот Оскар во кариерата играјќи го таткото на тениските легенди Венера и Серена Вилијамс во „Кинг Ричард“.

„Насилството во сите негови форми е отровно и деструктивно“, рече Смит во изјавата, објавена на Инстаграм.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Will Smith (@willsmith)

„Моето однесување на синоќешното доделување на Оскарите беше неприфатливо и неоправдано. Шегите на моја сметка се дел од работата, но шегата за здравствената состојба на Џејда беше премногу за да ја поднесам и реагирав емотивно.“

Смит му се извини директно на Рок, изјавувајќи дека е „претерал“. Тој им се извини и на Академијата и на семејството Вилијамс.

„Длабоко жалам што моето однесување го извалка она што инаку беше прекрасно патување за сите нас“, напиша тој.

Пред извинувањето на Смит, организацијата што стои зад Оскарите во соопштение рече дека ги „осудува постапките“ на Смит.

„Официјално покренавме формална истрага околу инцидентот и ќе размислиме за понатамошните дејствија и последици во согласност со нашите подзаконски акти, стандарди за однесување и законите во Калифорнија“, се вели во соопштението.