Во Белград отворена изложба посветена на детството одбележано со војните на Балканот и Украина

Изложбата „Приказни за војните од агол на децата“, на Музејот на военото детство од Сараево, посветена на сите деца чие детство беше одбележано со војна, а која опфаќа дел од музејската збирка приказни од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Косово и Украина, е отворена синоќа во центарот на Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).

Основачот на Музејот, Јасминко Халиловиќ, рече дека музејот е направен во 2017 година врз основа на неговата книга „Детство во војна“ и истакна дека белградската изложба е прва надвор од Босна и Херцеговина.

Тој наведе дека на изложбата, покрај експонати од БиХ, Хрватска, Србија и Косово, можат да се видат и делови од колекцијата од Украина што биле претставени три дена пред руската инвазија на Украина.

Истакна дека е важно што изложбата во Белград е отворена во важен момент и со оглед на сето она што се случува во Украина и војната таму.

Директорката на канцеларијата на музејот во Киев, Јулија Скубицка, рече дека се надевала дека кога ќе се приклучи на тимот на музејот, нејзината работа ќе биде обид да ја обедини Украина, но дека има веќе осум години како таа земја е во војна со Русија.

Таа рече дека и покрај тоа, до 24 февруари 2022 година, многу луѓе во Украина не знаеле како изгледа војната и посочи дека сега секое дете во Украина е дете на војна.

Таа потсети дека во војната во Украина од нејзиниот почеток загинале најмалку 140 деца и рече дека „не е вистина доколку во вестите видите дека руската Армија се бори само против украинската Армија“.

Скубицка рече дека знае оти многу политичари во Србија се резервирани за војната во Украина и дека, судејќи по билбордите што ги видела во Белград, сепак веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин е „голем човек“.

Таа рече дека се надева оти експонатите и приказните што ги придружуваат ќе ги убедат оние што ги гледаат дека „нема ништо убаво во пријателството со воен злосторник“ и дека ништо големо не може да се изгради на телата на мртвите деца.

На изложбата, меѓу останатото, можат да се видат и Барбиката со нова фризура што Азра ја добила од нејзиниот татко, кој пред тоа бил во логор две години, и книгите на Един низ кои поминал шрапнел.

Тука е и писмото од Сребреница, кое е единствениот спомен на Медина за повредениот дедо, и канистрите со вода што Амина ги врзала со ремените од фустанот на мајка си за полесно да ги носи низ Сараево за време на опсадата.

Изложен е и светлотиркизниот фустан што Емина го пронашла во еден стан во 1993 година и го носела, и покрај опасноста од снајперисти, како симбол на пркосот и волјата за живот.

Изложбата ќе биде отворена до 10 април, достапна е и на англиски јазик, а придружена е со интерактивни водичи приспособени за деца.

извор: Агенција Анадолија (АА).