Природен гас ќе има до 15 април, што потоа?

Македонската влада се надева на помош од Бугарија, која би требало да ја снабдува земјата доколку Москва одлучи природниот гас да се плаќа во рубљи од страна на „непријателските држави“.

Северна Македонија има обезбедно снабдување со природен гас до крајот на грејната сезона на 15 април, но што потоа? Владата се надева на помош од Бугарија, која би требало да ја снабдува земјата како замена за рускиот гас, доколку Москва одлучи природниот гас да се плаќа во рубљи од страна на „непријателските држави“.

„До 15 април е осигурано снабдувањето со природен гас во земјата“, потврди во петокот (01.04) министерот за економија, Крешник Бектеши, кој не верува дека С. Македонија би можела да се соочи со проблеми во однос на топлинската и електричната енергија.

Русија соопшти дека засега нема да запре со испораката на гасот во Европа, откако претседателот Владимир Путин потпиша декрет со кој се бара плаќањата да бидат во рубљи. Купувачите мора да отворат сметка во рубљи во руските банки, или, во спротивно, постоечките договори ќе бидат стопирани. Со декретот не се опфатени испораките кои се веќе платени. Во случај Москва да ја стави во сила ваквата одлука, земјите од регионот, меѓу кои и Северна Македонија, ќе бараат алтернативни ресурси за снабдување со природен гас. Скопје се надева на помошта на Софија.

Се бараат алтернативи

Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека во случај Русија да донесе таква одлука, сите други алтернативни ресурси на природен гас со кои ќе се снабдува Бугарија, ќе може да ги користи и Северна Македонија.

Поттикнати од енергетската криза, земјите од регионот веќе бараат алтернативи за снабдување со природен гас. „Таков е новиот интерконектор со Република Грција, нашето директно учество во терминалот во Александропулос, секако и нов интерконектор со Република Бугарија, која е членка на ЕУ“, вели Бектеши, кој веќе разговарал со гувернерката на Народната банка дека сѐ уште нема насока од Европската централна банка, бидејќи во македонската курсна листа ја нема рубљата како валута и не може да се прават такви трансакции.

Надлежните се децидни дека и покрај енергетската криза што ја погоди Европа поради војната во Украина, тие навремено ги презеле сите мерки за снабдување со неопходните енергенси.

„Подготвени сме за секоја можна опција која може да се случи и во делот на електричната енергија и во делот на топлинската енергија, не би имале никаков проблем со можна таква одлука на Руската Федерација. Нашиот гасовод оди преку Република Бугарија, во случај да се донесе одлука за стопирање на рускиот гас, сите други алтернативни решенија со кои ќе се снабдува Бугарија, како членка на ЕУ, ќе можеме и ние да ги користиме“, вели министерот.

Планови за годинава

АД ЕСМ, согласно планот за производство, минатата година требаше да произведе 3.530 гигават часови електрична енергија, но годината ја заврши со минус 216 гигават часови, како резултат на хаваријата на Блок 3 во РЕК „Битола“ и неговото неработење во декември. Сепак, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најавува дека за 2022 година планот за производството е зголемен за 20 проценти и треба да изнесува 3.736 гигават часови.

„Досега во првите три месеци во целост го исполнуваме планот“, вели тој.

Ковачевски нагласува дека согласно планот за производство за електрична енергија, е направен и планот за производство на јаглен во рудниците во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“.

„Годинава ги забрзуваме процесите на отворање на коповите на новите два рудника ‘Живојно’ за РЕК ‘Битола’ и ‘Гуштерица’ за ТЕЦ ‘Осломеј’ и сметам дека во целост ќе ја исполниме обврската за планот и потрошувачката, односно конзумот којшто е потребен. Согласно планот, во РЕК ‘Битола’ треба да се произведат над 5 милиони тони јаглен од домашно производство, додека во ‘Осломеј’ се вршат геолошки истражувања на локалитетот Гуштерица и очекуваме од овој локалитет, до крајот на годината, за Осломеј да извадиме помеѓу 150 и 200 илјади тони јаглен за грејната сезона 2021-2022 година“, истакна Ковачевски.

Екологистите се против нови рудници

Но, токму ваквите најави предизвикаа жестока реакција на еколошките здруженија.
Еко-свест ги осуди најавите за отворање нов рудник за лигнит во Живојно, во општината Новаци. Овој проект, според нив, е неприфатлив од еколошки, енергетски и економски аспект, а е спротивен на сите стратегии и декларирани заложби на државата.

„Откако на листата на пријавени проекти за Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан се најде и рудникот за лигнит Живојно, првата претпоставка беше дека тоа е ненамерна грешка и остаток од некои стари планови што потекнуваат од пред изработката на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Но, сега и директорот на компанијата во државна сопственост АД ЕСМ најавува дека активно се работи на отворање на рудникот и дека биле преземени конкретни чекори во 2021 година“, велат од организацијата.

Сето ова се случува во период кога се изработува и усвојува Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и се работи на Националниот план за енергија и клима – плански документи што јасно укажуваат на потребата од забрзана енергетска трансформација и оддалечување од употребата на фосилни горива. Отворање на нов рудник, според екологистите, само ќе ја влоши ситуацијата произлезена од 30-годишното неспроведување на плановите во енергетскиот сектор и од одложувањето на искористувањето на новите обновливи извори на енергија, како што се сонцето и ветерот.

Дојче Веле