По сеопфатна предистражна постапка, денеска јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица ,кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата, информираат од Јавно обвинителство и додаваат дека предметот е дел од постапката за Проектот „Скопје 2014“.
Во текот на денот со наредба на судија на претходна постапка, а по предлог на обвинителот, се извршени претреси на повеќе локации, кои се сѐ уште во тек.
Според опишаните дејствија во наредбата, постои основано сомнение дека првоосомничениот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување и поттикнување во извршување на истото кривично“, додека останатите три лица – второосомничениот како службено раководно лице на орган на државна управа и трето и четврто осомничените – како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот сториле по едно кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
– Првоосомничениот свесно ги повредил прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата и ја изиграл постапката за јавна набавка доставувајќи како доказ дека го исполнува минималниот услов за утврдување на економската и финансиска состојба три договори за заеднички настап со три правни лица кои подоцна не ги ангажирал, како и два подизведувачки договори со правни лица на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка, велат од Јавно обвинителство.
Од таму додаваат дека првообвинетиот иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал.