Претседателот на Синдикатот за образование и наука (СОНК), Јаким Неделков, на својот фејсбук-профил објави дека денеска имал работна средба со претседателката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ЕТУЦЕ), Сузан Флокен, од која добил силна поддршка за претстојниот штрајк во образованието кој го најави Синдикатот.
Неделков во својот фејсбук-статус истакна оти за време на средбата ја информирал претседателката на ЕТУЦЕ за причините и подготовката за организирање на штрајкот во градинките, основните и средните училишта, најавен за в понеделник, и додаде оти оттаму будно ќе ги следат случувањата поврзани со штрајкот.
„Флокен во името на ЕТУЦЕ дава силна поддршка на СОНК и верува во издржаните барања до конечен успех. Подвлече дека будно ќе ги следат случувањата и извештаите од штрајкот на СОНК особено ако има обиди за попречување на правото на штрајк, што е регулирано со меѓународните конвенции и препораките на Меѓународната организација на трудот, објави Неделков на Фејсбук.