Албанија ќе побара од Европската Унија да продолжи со својата евроинтеграција одвоено од Македонија

Албанија ќе побара од Европската Унија да продолжи со својата евроинтеграција одвоено од соседна Македонија која и натаму се соочува со бугарското вето, изјави албанскиот премиер Еди Рама, пренесува Ројтерс.

Македонија и Албанија требаше да започнат преговори за членство со ЕУ на крајот на 20202 година, но Бугарија го блокираше отворањето на преговорите поради спорот со Македонија околу историјата и јазикот.

Рама, говорејќи во Тирана, рече дека не е оптимист дека Бугарија наскоро ќе го крене ветото.

„Албанија не може повеќе да чека двете соседни земји да го решат нивниот спор“, изјави Рама.

Тој додаде дека Албанија има добри односи и со двете држави.

„Нашиот политички курс за ова прашање комплетно се менува“, рече Рама.

Оваа изјава Рама ја даде додека ги претставуваше резултатите од истражувањето според кое, повеќе од половина милион граѓани, односно 67 отсто сакаат европскиот пат на двете земји да се раздвои.

Инаку, германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела изјави дека преговорите за членство на Македонија и Албанија во ЕУ треба да почнат што е можно поскоро бидејќи секое одлагање би го направило Западен Балкан ранлив на надворешни влијанија.