Владата на Пакистан предводена од Имран Кан падна по изгласаната недоверба во пакистанскиот Парламент, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што информираат националните медиуми, гласањето за недоверба, што започна во 11:30 часот по локално време, завршило во 13:00 часот.
На гласањето за недоверба во Парламентот, против Владата на Имран Кан гласаа 174 пакистански парламентарци, што е 2 гласа повеќе во однос на мнозинската граница од 172 гласа.
Имран Кан стана првиот премиер на Пакистан кој е сменет од должноста со изгласување недоверба.
Кан претходниот ден изјави дека САД стојат зад обидот на опозицијата да ја собори власта.
„Неколку членови на Парламентот заминаа во американската Амбасада во Исламабад пред неколку месеци и кажано им е дека ќе биде изгласана недоверба кон Владата на Кан“, изјави Кан.
Кан истакна дека никогаш не би прифатил „увезена“ влада во Пакистан и ја повика целата земја на улица навечер на 10 април.
Со својата одлука од 7 април, Уставниот суд отвори пат за гласање на недоверба на премиерот Кан.
Во вестите емитувани на телевизискиот канал „Ary News“ на 3 април беше наведено дека на состанокот на премиерот Кан со членовите на неговата партија било кажано дека Доналд Лу, заменик американскиот секретар за прашања за јужна и централна Азија, стои зад заверата за уривање на пакистанската Влада.
„Обидот (на опозицијата) да бидам отповикан очигледно е дека е мешање на САД во нашата внатрешна политика“, рече Кан на 2 април во врска со релевантното изгласување недоверба.
Партиите што беа дел од коалицијата на Кан, Обединето народно движење (MQM-P) со 7 пратеници во Парламентот, партијата Авами на Балуџистан (БАП) со 4 пратеници и Републиканската татковинска партија (JWP), која има еден пратеник, објавија дека ја поддржуваат опозицијата. Парламентарната надмоќ со тоа премина во опозицискиот блок.
Од друга страна, најмалку 13 пратеници на владејачката пакистанска Партија за правда (PTI) најавија дека ќе гласаат против премиерот Кан.
Националното собрание на Пакистан се состои од 342 пратеници. За смена на премиерот Кан од неговата должност беше потребно да гласаат најмалку 172 пратеници. Гласањето за недоверба на Владата на Кан го одобри Парламентот на 28 март со 161 глас „за“.
Извор: Агенција Анадолија (АА).