Завршена истрагата во Хрватска: „Дронот којшто падна во Загреб бил вооружен, имал бомба наместо камери“

Хрватска ја заврши истрагата за леталото кое пред неполн месец падна во Загреб. Дронот кој ги вознемири загрепчани бил доработен и со себе носел бомба наместо вградена камера, објави хрватска Нова ТВ. Жупаниското државно обвинителство во Загреб издаде налог за повеќе видови на вештачења, а побарано е мислење и од воздухопловно-техничката струка.

Загрепското жупаниско државно обвинителство уште кон крајот на март соопшти дека со балистичко вештачење на металните фрагменти на воениот дрон било утврдено дека станува збор за авиобомба со запалка, но тогаш сè уште не можеше да се донесе конечен заклучок за трагите на експлозивот.

Паралелно со истрагата, во хрватската јавност траеше препукување дали дронот навистина носел бомба или не. Министерот за одбрана, Марио Баножиќ, но и премиерот Андреј Пленковиќ тврдеа дека леталото на себе имало прикачено експлозивна направа, додека низа на стручњаци го оспоруваа тоа. Скептичен околу верзијата за бомба беше и претседателот Зоран Милановиќ кој на Баножиќ и Пленковиќ им префрли за фотографирањето крај кратерот што го предизвика падот на леталото.

Во расправата за бомба влезе и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој на прес-конференција рече дека дронот не бил вооружен. Потоа прес-конференција свика и Пленковиќ кој го демантираше таквото негово тврдење, покажувајќи фотографии од делови на дронот за кои рече дека припаѓаат на бомба.

Беспилотното летало од советско производство ТУ-141, кое на 10 март преку воздушниот простор на Романија и на Унгарија, долета во Хрватска и падна околу 23 часот во загрепската населба Јарун. Во инцидентот, за среќа. немаше жртви.