Неколку американски владини агенции денеска издадоа заедничко предупредување дека се откриени малициозни сајбер алатки – „малициозен софтвер“ што може да добијат целосен пристап до контролните системи на неколку индустриски компании. Предупредувањето беше заеднички издадено од министерствата за енергетика и домашна безбедност, Федералното биро за истраги (ФБИ) и Агенцијата за национална безбедност (НСА), без да се наведат имињата на оние кои ги упатиле заканите или деталите за тоа што откриле. Извршниот директор на една од компаниите за сајбер безбедност вклучени во случајот, Роберт Ли изјави дека малициозниот софтвер бил развиен од држава и првично бил дизајниран да таргетира локации за течен природен гас и електрична енергија во Северна Америка.