ЕУ да ја притисне Бугарија да се откаже од ветото за Македонија, вели „Фридом хаус“

0
364

Северна Македонија е рангирана како хибриден режим во најновиот извештај „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“, кој го анализира демократскиот прогрес на 29 држави во транзиција.

„Оваа година, за првпат во 21. век, форма на управување што преовладува во регионот на нации во транзиција е хибриден режим. Четири демократии паднаа во оваа сива зона откако непрекинатиот период на демократски пад започна во 2004 година: Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во истиот период три авторитарни режими направија демократски чекори и се приклучија во редот на хибридни режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија“, се вели во извештајот.

Според него, овие режими можат да бидат демократски во минимална смисла, односно да имаат редовни, конкурентни избори, но нивните нефункционални институции „не се во состојба да ги испорачаат дефинитивните компоненти на либералната демократија: проверка и баланс, владеење на правото и цврста заштита на правата и слободите на сите“.

На скалата од еден до седум, каде еден е најниско ниво на демократски прогрес, а седум највисоко, Северна Македoнија е рангирана со оценка од 3,5 за демократско владеење, 4,25 за изборен процес, 5,25 за граѓанско општество, 3, 25 за независни медиуми, 3,25 за независно судство, додека 3,00 за корупција. Генералната оценка за демократски прогрес изнесува 3,82 или 47 проценти.