Бугарскиот премиер Петков платата ја донираше за купување оружје за Украина

0
252

Бугарскиот премиер Кирил Петков соопшти дека месечна плата ја донирал „за купување оружје“ на Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во објавата на социјалните мрежи, Петков вели: „Одлуката за помагање во оружје за Украина зависи од политичкото и општественото единство. Во општеството се споделуваат екстремни ставови за ова прашање. Сега оваа енергија треба да ја трансформираме во вистински активности.“

Наведувајќи ги имињата на многу европски земји кои испратиле оружје во Украина, Петков рече дека Русија не им објавила војна на овие земји.

Петков исто така додаде:

„Го повикувам секој бугарски граѓанин кој навистина сака да ѝ помогне на Украина да ја донира платата како што направив јас. Лесно е да се зборува, тешко е да се работи. Храбрите објави на социјалните мрежи сега треба да се претворат во вистинска поддршка за Украина.“

Петков ја сподели и банкарската сметка од неговата донација.

Во меѓувреме, лидерите на 4-те политички партии кои ја сочинуваат бугарската Влада ќе одржат состанок за да постигнат консензус за испраќање на помош во оружје за Украина.

Петков истакна дека сака консензус за ова прашање, кое стана критично за единството на коалицијата, пред неговата утрешна посета на Киев.

Еден од коалициските партнери, комунистичката и проруска Бугарска социјалистичка партија (БСП), категорично се противи на испраќањето оружје во Украина.

Корнелија Нинова, лидерката на БСП, која е вицепремиер и министер за економија, исто така се спротивстави на воведувањето санкции кон Русија и рече: „Ако се испрати еден бугарски куршум во Украина, ќе ја напуштиме коалицијата.“

извор: Агенција Анадолија (АА).