Во Софија се формира мрежа на бугарско-македонски клубови за пријателство во двете земји

Прва дигитална телеконференција на македонски и бугарски интелектуалци, општествени работници, новинари и претприемачи ќе се одржи во вторник во прес-клубот на БТА во Софија и во Институтот за Општествените и хуманистичките науки во Скопје.

-На дигиталната телеконференцијата ќе биде објавен Заеднички документ за зближување и соседство, кој ќе биде патоказ за градење целосен процез за зближување меѓу двата народи и двете земји обединети во нова мрежа на клубови за бугарско-македонско пријателство во двете земји, се вели во соопштението од организаторите испратено до дописникот на МИА од Софија.

Целта е да се создаде активно граѓанско општество со претставници од Бугарија и Северна Македонија, кои ќе работат на зближување на двете општества врз основа на европските вредности. Исто така, целта на Клубот за бугарско-македонско пријателство е да организира академски, културни, спортски и секакви средби на граѓаните на двете земји за да се подобри меѓусебното познавање, разбирање, пријателство и добрососедство.

-Целта е да се извлечат бугарско-македонските односи од „ќорсокакот“ во кој моментално се наоѓаат како резултат на засилениот дијалог во сите области, да се отстранат од тесните политички и дипломатски кругови, како и од оние кои се под контрола на властите или одредени тајни центри „во двете земји, кои отворено работат против добрососедската политика.

Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експерт за одбрана и поранешен министер за одбрана на Бугарија Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени Канев, светски познатата тенисерка Мануела Малеева, режисерот Јавор Гардев, советникот на првиот демократски избран претседател на Бугарија Жељу Желев за етнички прашања, Михаил Иванов.

Од македонска страна на иницијативата се приклучуваат филозофката Катерина Колозова, политикологот Љубчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Зајковски, како и поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.

Меѓу основачите се Бугарскиот културен клуб – Скопје, Културно-просветното друштво Вардар и Здружението на граѓани за промоција, издаваштво, иницијативи и меѓународна соработка „Дело“. Како што наведуваат организаторите во нивното соопштение до дописникот на МИА во Софија, учесник во клубот може да биде секој кој за тоа ќе се пријави на веб-страницата www.bgmkclub.eu или на електронската пошта bgmkclub@gmail.com.