ИРЛ: Трговски центар со станбени згради во ниви и без пат прогласен за проект од јавен интерес

0
380

Под налетот на забрзана и масивна бетонизација која ја доживеа Општина Карпош во последните 10 години, тричленото семејство Милкови реши својот мир да го побара подалеку од градскиот бетон. Одбраната локација е навидум идеална: мирно и свежо место за живеење, на повисока надморска висина од врелиот град, а сепак на само неколку километри до центарот. Во декември 2020 година селото Сопиште стана нивниот нов дом. Опкружени со чист воздух, ниви и лозници, Милкови го најдоа својот мир. Траеше само 10 месеци, до локалните избори во октомври 2021 година, Објави ИРЛ.МК.

Падините на Водно станаа примамлива и престижна локација за живеење и одмарање, но и за бетонски монструми нетипични за подножје на планина. Сопиште е приградска општина на само седум километри од Скопје. Освен викенд-населба – кадешто скопјани бегаат од жешките лета – Сопиште сега ќе биде и место каде
што ќе се оди на „шопинг“, иако мештаните во лето немаат вода, а канализацијата не ги собира отпадните води од брзиот налет на новоизградени куќи.

Стефче Трпковски во својата последна, трета изборна трка, покрај своите вообичаени ветувања за подобар пат или подобра канализација, ќе даде и едно необично ветување – дека ќе изгради трговски центар во Сопиште. Од ветувањето до остварувањето ќе помине рекордно кратко време. Предизборната реклама првпат беше прикажана во септември 2021, а веќе по една година Општината одлучи трговскиот центар да биде прогласен за проект од јавен интерес и со тоа ослободен од комуналии за деловен простор.

Семејството Милкови својот нов дом го изгради на едвај неколку метри од местото каде што треба да биде новиот трговски центар со две станбени згради од по шест ката. Милкови не знаеја дека до нив ќе се гради вакво здание. Не би ни можеле да знаат затоа што во Сопиште 10 години не постои урбанистички план за селото, па така, што ќе се гради се одлучува само со доставен проект од потенцијални инвеститори, по што Општината издава дозволи.

„Две години баравме место за конечно да живееме во мир. Немавме никакви информации дека некој планира таков објект. Ние дознавме за градбата кога еден ден почнаа да копаат на неоградено земјиште до нас. Ни се распрснаа сите желби“, вели Коста Милков.

Градоначалникот на Општина Сопиште, Стефче Трпковски, кој е на позицијата речиси цела декада, тврди дека овој проект се планирал подолго време. Според него, трговски центар ќе ги подобри условите за живот на жителите на Сопиште. Овој став ќе биде и законската основа за Општината да го ослободи инвеститорот „ЈАКО Македонија“ од плаќање комуналии за деловниот простор на предвидениот објект.

Текстот во целост на; ИРЛ.МК.