Со 61 глас „за“, 39 „против“ и без „воздржани“ Собранието вечерва го усвои дневниот ред на 71. седница, постапка што почна од вчера од кога и стартуваше активната блокада на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Гласањето за дневниот ред се одвиваше во тензична атмосфера, а процедурата ја оспорија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои во тек на објавата за гласање се собраа околу претседателот на Собранието Талат Џафери истакнувајќи транспаренти.
Дневниот ред, како што рече Џафери, е усвоен со измени и дополнувања.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, регираше на начинот на кој Џафери ја води седницата и на процедурите и обвини дека се гласало за дневниот ред без да биде прочитан и поделен.