Висок дипломат на ЕУ приведен од страна на германската полиција

Заменик-генералниот секретар и политички директор на Службата за надворешни односи на Европската Унија (EEAS), Енрике Мора, соопшти дека германската полиција одредено време го задржала на аеродромот во Франкфурт, Германија, додека се враќал во Брисел од разговорите во Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Високиот дипломат Мора, кој преговара за иранскиот Договор за нуклеарната програма, на својот профил на социјалните мрежи истакна дека германската полиција го привела него и двајца високи европски дипломати без да наведе никаква причина.

Мора, кој е висок дипломат во тимот на високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел, рече: „Не ни беше дадено никакво објаснување. Јас сум функционер на ЕУ со шпански дипломатски пасош, се враќам од официјална мисија. Ми беа земени пасошот и телефонот.“

Во следната објава, информирајќи дека е ослободен заедно со евроамбасадорот во Виена и шефот на бирото на Службата за надворешни односи на ЕУ за Иран, Мора нагласи дека биле држени одвоено еден од друг и дека не им било дадено никакво објаснување.

Високиот дипломат Мора истакна дека оваа ситуација претставува кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

 

Извор: Агенција Анадолија (АА).