Најавеното касно кратење на непродуктивните трошења со ребалансот на буџетот е чисто манипулирање на јавноста и признание дека оваа Влада не работи домаќински и во интерес на граѓаните. Прашањето е: Зошто воопшто беа планирани овие 100 милиони евра за непродуктивни трошења сред криза? Да потсетиме, буџетот се носеше во декември 2021 година сред енергетска криза и разгорена инфлација. Опозицијата тогаш јасно укажуваше дека буџетот е расипнички и нереален, со непродуктивни трошења, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ. Во продолжение на истото се додава:
И сега, најавеното кратење на овие средства е јасно признание на власта дека ниту размислувала, ниту креирала навремени мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, туку планирала средства во буџетот за непродуктивни трошења, односно за корупција и криминали. Мерките за кои се фали оваа погубна Владата дојдоа по реакциите на јавноста и опозицијата дека ништо не се презема во справувањето со енергетската криза и високата инфлација.
Воедно, најавеното кратење на трошењата е од историски највисокиот буџет во 2022 година, кој како основа го зема буџетот во 2021 година!
Така, во 2021 година тековните расходи достигнаа рекордно ниво од 3,8 милијарди евра, а трошоците за стоки и услуги историски рекорд од 327 милиони евра или беа повисоки за 30% во однос на 2020 година! И сега најавеното кратење е чиста манипулација.
фото: ВМРО ДПМНЕ