Со оглед на сегашните ставови, сѐ поизвесно е дека Софија ќе се обиде да ја аргументира приврзаноста кон проширувањето на ЕУ само со зелено светло за Албанија.
Две теми во моментов ги консолидираат бугарските позиции во однос на прашањето за РСМ, односно сигнализираат какви аргументи ќе користи Софија во оправдувањето на нејзината позиција. По изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, дека „Бугарија ги зела Република Северна Македонија и Албанија како заложници“, сѐ погласни се ставовите дека Софија тоа ќе го демантира, преку потенцирање дека еден кандидат е подготвен за пристапен процес.
На прашањето дали во однос на РСМ ќе има промена на бугарската позиција на претстојниот Советот за Општи прашања (23-ти мај), шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, изјави дека „нема како бугарската позиција да биде променета, затоа што на Советот за Општи прашања нема таква тема“. А во однос на претстојната посета на Софија од страна на еврокомесарот за проширување соседска политика, Оливер Вархеји, таа кажа за која земја ќе биде потврден позитивниот став од страна на Бугарија.
„Еврокомесарот за проширување доаѓа точно за таа тема, но не заборавајте дека станува збор и за Албанија, за која сме подготвени…“, порача Генчовска.
Вархеји во Софија ќе се сретне со претседателот Радев, премиерот Петков и со министерката Генчовска, која вели дека нема дилеми каков ќе биде бугарскиот одговор.
„Тоа што секогаш сме го кажувале – позицијата е таква каква што е. Министерството за надворешни работи опстојува на националните интереси“, изјави шефицата на бугарската дипломатија.
Кој има полза?
Изјавата на високиот претставник за безбедност и надворешни работи Жозеп Борел, дека „непочнувањето преговори со Северна Македонија и Албанија е подарок за Путин“, во политички кругови во Бугарија е дочекана со контраставови, пред сѐ на сметка на РСМ.
Европратникот Андреј Ковачев изрази очекување Борел да каже дека „Србија и Москва имаат големо влијание во РСМ, во нејзините служби, нејзината администрација, политичка елита, новинари, медиуми, академска елита, професори од југословенско време со југословенска носталгија и со сите нивни зависности од комунистичките служби“.
Најновиот „аргумент“ кој деновиве со користи за вакви тврдења, е помирувањето меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, односно враќањето во канонско единство, со најширока автономија за Македонската црква.
„Видовме како Српската православна црква и Македонската се помируваат и побратимуваат – директни врски со лицето Кирил кој се јавува како патријарх на Москва, преку нивните српски слуги и соодветно во Македонија. Така што, на сосема друго место се агентите на Москва и влијанието на Кремљ“, вели Ковачев во интервју за Радио „Фокус“.
Тој смета дека играњето со „руската карта“ се злоупотребува за притисок врз Бугарија, само за да не се разочара една земја кандидат (РСМ) од ЕУ, со што токму Унијата и правела најголема услуга на Москва.
„Нереформирани земји-членки на ЕУ се добредојдени за Москва. Таа би сакала што е можно повеќе нереформирани земји кои имаат проблеми со соседите. Колку повеќе расправии може да се набуткаат во ЕУ од Москва, толку подобро за Москва. Така што г-не Борел, обратно е – за Москва е огромна предност во ЕУ да има држави кои се расправат меѓу себе, кои имаат нерешени проблеми и различно гласаат во Советот. Една разединета и раскарана ЕУ е во интерес на Кремљ“, рече европатеникот во интервју за Радио „Фокус“.
Наместо да се обвинува Бугарија – зошто не почнале преговорите со Северна Македонија, тој бара одговор – зошто Албанија не започнува преговори ако сите членки на ЕУ ја дале согласноста за тоа.
Истиот наратив – дека Русија има корист да станат дел од ЕУ нереформирани држави како Северна Македонија – го користи и Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата „Македонија“. Тој потенцира дека Албанија не треба да чека заради РСМ.
„Бугарија, нашата надворешна политика, неколкупати јавно изјави дека сака Албанија што побрзо да се одвои од Северна Македонија во преговарачкиот процес и да почне преговори со ЕУ. Тоа е многу важно да го разјасниме, затоа што нашите албански пријатели не треба да останат со впечатокот дека Бугарија е против нивно почнување на преговорите. Едноставно, Еропската комисија треба да ги одвои двете држави и Албанците да преминат на побрзата писта за присоединување кон ЕУ“, изјави Стојанов.
Разбирање на позицијата во поширок контекст
Според голем број оценки, сѐ поизвесно е дека Софија ќе се обиде да ја аргументира приврзаноста кон проширувањето на ЕУ само со „виза“ за Албанија, но и дека до последен миг (ќе) има огромен притисок да не го загрозува процесот со ново вето за РСМ.
Политиколог Огнен Минчев, експерт за регионални и меѓународни истражувања, за БНР го коментираше интересот на ЕУ и САД за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, но и очекувањата од Софија.
„За САД и ЕУ, интеграцијата на Западен Балкан е исклучително важно прашање. Претпоставувам дека Софија ќе биде под притисок да го укине ветото за Скопје, но тој притисок нема да дојде само од Вашингтон, туку и од Брисел, Берлин и други европски престолнини. Тој притисок ќе пледира Бугарија да ја разбере својата позиција во поширок контекст на нејзиното сојузништво, а не само во контекст на она што таа го смета за свои национални интереси“, смета Минчев.
Тој е категоричен дека Бугарија има право да ги заштитува своите интереси во однос на РСМ, но смета дека „таа тоа го прави на еден од најлошите можни начини“.
Дојче Веле