Дали само изборниот модел е пречка да помалите партии бидат фактор во политичкиот живот?!

На последните анкети за рејтингот на политичките партии двете најголеми партии кои се менувале на власт ВМРО- ДПНМЕ и СДСМ, вкупно заедно (без коалицините партнери) неуживаат поголема доверба од 36% од анкетираните. Горе- долу овој рејтинг плус – минус 2-3%, се потврдувал многу пати низ сите анкети, а и низ разни парламентарни или локални избори. Доколку пак анализираме со колкав рејтинг владеат или владееле овие партии кога се или биле на власта нивната доверба се движи максимум до 25% (повторно без коалиционите партнери).
Проблемот и не е толку сериозен, но само ако и владеењето се подели на соодветен начин, односно ако од „победничкиот колач“ и помалите партии си го добијат тоа колку што вложиле во победничката коалиција. Но, јасно е дека владејачката партија со помалку од 25% доверба владее со 70-80 % од власта. Во овој „втор мандат на Заев“, работите малку се поместија, со тоа што албанските партии во власта имаат околу 45% од министерствата!
Помалите партии постојано вината ја гледаат во изборниот модел со 6 изборни единици и скоро 20 години бараат да Македонија биде една изборна едница. Големите партии тоа вешто и „демократски“ го избегнуваат, а вината секогаш ја префрлуваат на другата страна, иако јасно е дека помеѓу ним има пречутен договор да не се дозволи „трета сила“ да дојди на власта или да има битно влијание во власта, а тие постојано да си играат „слези Курта, да се искачи Мурта“!
Изгледа најблиску до целта беше претходниот парламентарен состав кога 17 пратеници предводени од Лиле Попоска и Рубин Земон, обезбедија мнозинство за изгласување, но ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ поднесоа над 5000 амандмани, а Талат Џафери не дозволуваше ниту јавна расправа да има за предлог законите за измена на изборниот законик. Меѓутоа, без проблем последниот ден пред Собранието да се распушти во 2020 година во 4 саатот наутро се изгласаа измени во Изборниот законик, но за да општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа од изборна единица бр. 6 се префрлат во изборна едницина бр. 5. На крајот се виде дека од тоа најповеќе профитира ДУИ со зголемување на бројот на пратенции за 50% во споредба со минатиот парламентарен состав!
И последниот обид на помалите партии за воспоставување на една изборна единица предложени од пратеници на пет помали партии ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО- НП и ДПТ, изгледа е јалов обид, но и играње „топло- ладно“. Иаку рекоа дека доколу за 3 месеци не се промени изборниот законик за една изборна единица ќе ја напуштат владината коалција, рокот измина и ништо не се случи. Павле Трајанов претседателот на ДС се правда со војната во Украина и економската криза….! Претседателот на ВМРО- ДПНМЕ Христијан Мицковски дури јавно излезе пред некој ден и рече дека ја прифаќа иницијативата за една изборна единица, со повик да се премине кон изготвување на законското решение и да се оди на избори. „Фрлената ракавица“ се прифати, но сега малите партии се однесуваат како „пишман аџија“!
Имајќи во предвид дека станува збор за круцијално прашање во Северна Македонија, во која според истражувањата во 2020 година околу 65 % од граѓаните сакаат да се гласа во изборен модел со една изборна единица, се поставува прашањето дали 5-те помали партии одлуките да ваквата иницијатива, условувањето и лесното откажување ги носат низ партиските органи или сами лидерите на партиите си одлучуваат? Дали овие партии имаат демократски капацитет да се изборат за една кауза, или само се некој вид на „трговски друшта“ за политичко пазарање?! Колку овие партии навистина се демократски? Што е со другите партии во владеачката коалиција или во опозициската коалиција што молчат за оваа прашање.? Сите овие и други прашања доведуваат до логичното прашање: Дали само изборниот модел е пречка да помалите партии бидат фактор во политичкиот живот?!
Пред недела дена се лифтеруваше информација по медиумите од страна НСДП на Тито Петковски дека Централниот одбор на партијата утврди само еден кандидат до Конгресот за избор на претседател! Само еден кандидат!!!! Па дали е тоа е демократски? После деценскиот единствен претседател на НСДП од основањето во 2006 година до сега Тито Петковски, зарем во таа партија 16 години не успеаја да изградат капацитети за „наследник на Тито“ да има барем 3-4 кандидати? Зарем Централен одбор на кого му заминува мандатот на членовите, одредува колку кандидати за претседател треба да има! Згора на тоа, гледајќи го статутот на партијата во членот 39 каде се предвидени мандатот и задачите на Централниот одбор, воопшто не е предвидено дека истиот може да одреди кои и колку можат да бидат канидидати за претседател на партијата. Во секоја партија во Светот, Конгрес на партија значи почеток на реформи, проветрување, нови идеи, политики, платформи.. Сепак од НСДП која се појави како алтернатива на крутоста на СДСМ, очекувавме поголем демократски капацитет.
Името Демократски Сојуз многу помалку е претпознатливо од самото име на лидерот Павле Трајанов. Како што веќе споменавме, самиот излезе пред јавноста и најави дека ако за три месеци не се донесат измените во Изборниот законик за една изборна единица, ќе ја напушти коалиција, за да после три месеци повторно во јавност каже „пу, пу не важи….“! Има ли одлука на некој партиски орган за двата ставови, или станува збор за „султан партија“? За едно важно прашање како што е Изборниот законик една партија која претендира да биде и носител на една повеќепартиска и граѓанска кауза, сепак е недозволиво тоа да се остави само на дневната волја или потреба на претседателот за внатрекоалициски пазарења….!
ДОМ (Демократска обнова на Македонија), откако замина првата претседателка на партијата Лиле Поповска, очигледно е дека се наоѓа во голема внатрепартиска криза. Постојано околу претседателката има нови лица по јавни партиски појавувања, а се слушаат и гласини дека има помеѓу претседателката и генералниот секретар има голема неусогласеност околу различните визии за иднината на партијата! Се очекува наскоро да има Конгрес на ДОМ, но дали со тоа ќе се сплоти партијата или ќе дојде до поделби тешко е да се предвиди. Досегашната повеќе партиска историја во Македонија, покажува дека ниту една партија не успева да делува со легални фракции во себе. Фракционеството е скоро и непознато искуство во нашите партии.
Најдобар пример дека фракцинерството нема сеуште погодно тло кај нас е случајот на поранешниот премиер Љубчо Геогриевски и неговото заминување од партијата што тој ја создаде ВМРО- ДПМНЕ и формирањето на ВМРО- НП. Голем број на членови од ВМРО- НП во изминате години се вратија во ВМРО- ДПМНЕ, а мал број остана лојален на Георгиевски. Оваа партија е типичен пример на „султан- партија“, без некој демократски капацитет да понесе борба за кауза, како што е една изборна единица.
Името Либерал-демократска партија треба да дава можност за фракционерство. Но, и покрај тоа што тогашната пратеничка Никица Корубин во 2018 година јавно објави дека ќе делува како фракција во ЛДП, сепак по кратко време мораше да ја напушти партијата! „…Ако сакаме демократија во општеството, мора да имаме демократија во политичката партија. Лошите пракси во политичката партија се рефлектираат во државата и општеството. Затоа мора да се спротивставиме на секое нарушување на принципите на делување по правила и стандарди, бидејќи политиката не е за личниот, туку за општиот интерес…“, рече пратеничката Корубин кога најави фракција во ЛДП. Претседателот на ЛДП, иако беше кандидат за градоначалник на Битола на изборите во 2021 година, не поднесе оставка до позицијата министер за локална самоуправа, пред да се кандидира, а не поднесе ниту оставка од претседатл на партијата кога не успеа да влезе ниту во вториот изборен круг за градоначаник од позиција на министер во Влада!
Како и да е оваа година треба да се одржат повеќе конгреси на помалите партии. Ако сакаат да бидат авангарда на некои процеси, ќе треба да се демократизираат внатрепартиски. Парадното „дигање на рака“ барем во малите партии не треба да биде пракса. Генералните секретари за време на предконгресните активности треба да ја имаат најважната улога, да обезбедат и репрезентативност на сите внатрепартиски интереси и групи, демократичност, транспаретност. Само доколку имаме здрави демократски процеси во партиите можи да имаме и подемократско општетсво. Видовме дека големите партии ВМРО- ДПМНЕ, СДСМ, па и ДУИ, не можат да бидат пример за тоа да бидат авангарда на демократичноста, но малите партии мораат да бидат демократични за да бидат авангарда на волјата на дел од граѓаните, инаку разочараноста и кон ним се повеќе ќе се зголемува.
Рековме дека големите партии заедно немаат поголема поддршка од 36%. Малите партии заедно имаат нешто над 15%, вкучувајќи ги и помалите партии од т.н. албански кампус и Левица. Над 43% проценти од граѓаните не сакаат да се изјаснат, не би гласале или се неодлучни за кого би гласале!

Значи , не е само до изборниот модел, има нешто „труло“ и во самите мали партии, кои за наредните избори имаат „пенал“ за шутирање!

извор: NEWS1.mk