Османи: „Бараме итнo отворање на преговори за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“

0
200

Во Скопје се одржа панел-дискусијата „Патот до Брисел”, која е воведен настан на овогодишниот Преспа Форум за дијалог (ПФД), кој оваа година ќе се одржи помеѓу 16 и 18 јуни во Охрид, на годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, јавува Агенција Анадолија (АА).

Панел-дискусијата ја отвори министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со свое обраќање.

На дискусијата присуствуваа Петер Грк, генерален секретар на Бледскиот стратешки форум и национален координатор за Западен Балкан; Марија Симеонова, координатор на Програмата за поширока Европа и Софиската канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи; Милена Лазаревиќ, програмски директор во Центарот за европски политики од Белград; Ардијан Хачкај, директор на Тиранскиот форум за поврзаност; Демуш Шаша, извршен директор од Институтот за европски политики во Приштина; Јелена Џанкиќ од Институтот на Европскиот универзитет во Фиренца и Едвард П. Џозеф, вонреден предавач на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој присуствуваше преку видеоврска.

Министерот за надворешни работи, Османи, посочи дека воената агресија како чин на инвазија врз една суверена, независна, европска држава, за миг ги срушила претходните претстави кои се негуваат за развојот на иднината на Европа и светот во 21 век, и дека оттогаш започнале серија директни и индиректни влијанија на секојдневниот живот.

Тој истакна дека Преспа Форум дијалогот е платформа чија главна функција е да го промовира дијалогот, дипломатијата, компромисното пријателство, мирното решавање на недоразбирањата, и дека овие вредности се од големо значење во овој период.

„Силно ја поддржуваме политиката на отворени врати и членството во Северноатлантската алијанса и даваме непоколеблива поддршка на членството на Финска и Шведска во НАТО, со силни уверувања дека проширувањето на Алијансата ќе нѐ направи посилни и пообединети“, рече министерот Османи, додавајќи:

„Бараме итнo отворање на преговори за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Затоа што ние тоа го заслужуваме и затоа што тоа е алатка за забрзување на реформите и одржување на стабилноста. Повикуваме на преземање на сите напори за унапредување во кандидатски статус за членството во ЕУ на Босна и Херцеговина и Косово. Го поддржуваме напорот на преговорите за Црна Гора и Србија. Посакуваме и работиме за создавање одржлив однос на западните институции со Украина, Молдавија и Грузија“, рече Османи.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).