Ковачевски: Манастирот Св. Јован Бигорски е живо сведоштво за автентичниот македонски идентитет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска го посети манастирот Св. Јован Бигорски, каде што беше пречекан од игуменот на манастирот, Епископ Антаниски г. Партениј. Премиерот Ковачевски беше придружуван и од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Во обиколката на манастирскиот комплекс, премиерот Ковачевски беше запознаен со историјата и мисијата на манастирот Св. Јован Бигорски, како еден од најзначајните монашки и духовни центри во историјата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Епископ Антаниски г. Партениј, како игумен на манастирот, на премиерот Ковачевски му ги презентираше најважните и исклучително значајни артефакти во манастирската црква Св. Јован Крстител во која доминантно место има прекрасниот и единствен од ваков вид иконостас во православието, врвно дело на мијачките копаничари, Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник.

За време на разгледувањето на манастирските содржини, премиерот Ковачевски истакна дека сега со историската одлука за враќањето на МПЦ-ОА, во канонско единство со останатите православни цркви, убавините и вдахновената духовна атмосфера на манастирот Св. Јован Бигорски, стануваат достапни за верниците од сите сестрински православни цркви за да го сведочат единството и црковно заедништво како една од најсуштинските вредности на православното христијанство.

Премиерот Ковачевски нагласи дека со прифаќањето на Охридската Архиепископија како канонска црква од страна на Вселенската Патријаршија и неодамна одобрената од СПЦ афтокефалност, се вградени и големите дела на сите црковни и духовни големци во нашата историја кои учествуваа во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ и на прифаќањето возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви.

Обиколката на манастирот Св. Јован Бигорски заврши во конакот со својот автентичен внатрешен амбиент се издвојуваат големиот синодикон и приемната одаја за гостите кои во огромен број го посетуваат овој црковен бисер на МПЦ-ОА.

фото: Влада