Владата на Република Северна Македонија со повеќе навремени, одговорни и сеопфатни мерки и решенија обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната економска и енергетска криза.
Во тој дух и по тој принцип Владата со новиот ребаланс на буџет, продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, како што всушност се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. Ова значи дека истите ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и стопанството, кон оние на кои им се најпотребни.
Овој пристап е насочен кон остварување на следните цели:
– Да ги заштитиме оние на кои им е најмногу потребна поддршка,
– Да се обезбеди праведна распределба на средствата, и
– Да го задржиме патот на постепена фискална консолидација, што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на економијата воопшто.
Сите овие мерки што ќе следат се надоврзуваат на очекувањата на меѓународните финансиски институции дека ценовните притисоци на меѓународните пазари во текот на годинава постепено ќе се ублажуваат, за да се стабилизираат веќе следната година.
Со првиот пакет мерки ги амортизиравме првите силни удари на кризата. Го спречивме ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените со што ги запревме инфлаторните притисоци за да спречиме повисоки стапки на инфлација. Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на маржите на производите.
Вкупната вредност на сетот мерки за поддршка изнесува над 400 милиони евра, а вкупното влијание на мерките е уште повисоко и достигнува речиси 615 милиони евра.
Со овие антикризни мерки, сметките на граѓаните се помали за околу 4.000 денари месечно.
Одговорно и храбро, соодветно на предизвикот, кога беше најпотребно, го презедовме управувањето и снабдувањето со енергенси за топловодните компании во Скопје за да обезбедиме континуирано парно греење за граѓаните. Проценетите субвенции за непречено снабдување со топлинска енергија во Скопје се 2,9 милиони евра на месечно ниво, во периодот на грејната сезона.
Ги активиравме и сите домашни капацитети за производство на електрична енергија. Го намаливме ДДВ-то за струја од 18% на 5% до крајот на годината.
Доколку не се направеше субвенционирање на производството на електрична енергија од 80% и доколку не го намалевме ДДВ-то цената на која што ја плаќаат граѓаните, сметките за струја на секое семејство ќе беа за 2.150 денари повисоки.
Доколку не беа мерките како намалувањето на ДДВ-то од 5% на 0% на основните прехранбени продукти, граѓаните ќе мораа месечно да плаќаат по 1.500 денари плус.
Доколку не беше намалувањето на ДДВ-то на енергенсите на нафтата и нафтените деривати, само по тој основ, без намалување на акцизата, секој граѓанин на просечна потрошувачка пресметано ќе плаќаше 300 денари повеќе секој месец.
За да ги ублажиме ценовните шокови најпрво ги замрзнавме цените на основните производи за исхрана, а потоа маржите. Со оваа мерка спречивме создавање наднормални профити, и овозможивме ублажување на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.
Во оваа насока е и мерката со која 35.000 наши најранливи сограѓани добија ваучери за основни производи за исхрана и тоа по 1.000 ден за 3 месеци, односно вкупно 3000 денари.
Со програмата за енергетска сиромаштија, пак, се предвидува финансиска поддршка за лица со ниски примања, којашто изнесува од 600 до 800 денари месечно и важи во континуитет. Станува збор за 7 200 до 9 600 денари на годишно ниво за домаќинства од најранливи категории.
Воедно, продолжува поддршката за компаниите за одржување на нивната ликвидност преку субвенционирање на договорна каматна стапка, потоа директно кредитирање преку РБСМ, бескаматни кредити за обртни средства, користење на гарантниот фонд преку Развојната Банка на Северна Македонија, кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и преку нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција и зеленото финансирање.
Во врвот на приоритетите на Владата остануваат грижата за стандардот на граѓаните, ликвидноста на компаниите и мерките за одржлива економска сигурност и социјален мир.
Со преземените мерки, парите на даночните обврзници ги пренасочивме кон исполнување на овие придобивки за граѓаните.
На тој начин, со субвенционирање на цена на електрична енергија вкупно месечно граѓаните и компаниите заштедија 22 милиони евра, а со намалување на стапката на ДДВ за основни прехранбени продукти и ваучери за најранливи категории заштедени се 6 милиони евра месечно.
Како резултат на грижата за најранливите за субвенциите за пензионери со дополнителни 1000 денари за три месеци, издвоивме 5 милиони евра.
За снабдување со топлинска енергија на делови од градот Скопје остваривме 2,9 милиони евра месечна заштеда, а со намалувањето на акцизите и на висината на ДДВ-то за горивата и другите беа заштедени 3 милиони евра месечно.
Со одговорно однесување на сите субјекти, ќе ја надминеме и оваа криза, како што ја надминавме најголемата економска криза предизвикана од КОВИД-19 пандемијата.
Од посебна важност е да не се потклекнува на лажните информации кои предизвикуваат притисок на пазарот и на инфлаторните движења.
Дезинформациите, без разлика од кого доаѓаат, вклучително и одредени политички партии, не користат никому, бидејќи само поттикнуваат дополнително продолжување на кризата.
извор: Влада
фото: Влада