Со лична и колективна дискредитација не се доаѓа до решение и запирање на штрајкот во градинките и училиштата, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Тој во својот статус на Фејзбук профилот вели дека вчера на шестиот ден од штрајкот на СОНК и веќе отворено почнаа жестоките напади врз штрајкувачите и раководството на СОНК.
„Обид за лична и колективна дискредитација на раководството на СОНК . Со нарачани текстови по одредени портали се прави обид за стекнување на недоверба кон раководството и обид за прекин на штрајкот. Значи, ако мислите да ги поколебате штрајкувачите и се надевате дека ќе го прекинат штрајкот што е нивна лична одлука, страшно се лажете. Единството е како никогаш досега, оправданоста на барањата, исто така. Значи, џабе ви е. Колективната дискредитација е во правец на обидот од владини функционери да претстават во јавноста дека раководството на СОНК заради лични интереси не ги прифаќа понудените 10 %?!“ вели Неделков.
Неделков јавно замоли да се прекине со притисоците.
„Овојпат се работи за сопствена егзистенција и враќање на достоинството на професијата што ја застапуваат. И да, зад штрајкот на СОНК стојат 25 000 членови, но и нечленови на СОНК, кои без разлика на синдикална, партиска, верска, национална и било каква припадност, рамо до рамо, заеднички штрајкуваат за социјални и законски права, верувајќи му на раководството на СОНК“ пишува Неделков.