Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски денес е во работна посета на општина Македонски Брод. На средбата со градоначалникот на општината, Жарко Ристески и раководни лица од сектор ЛЕР се отворија прашања за зголемена туристичка контрола која ќе има фидбек во локалната економија, мапирање на потенцијалите и можностите за туристички развој на регионот и потребата од промоција на истиот како атрактивна туристичка дестинација. Општината Македонски Брод ги има сите услови за развој на рурален туризам, активни и алтернативни форми на туризам и привлекување на што повеќе домашни и странски туристи во овој регион на Македонија.
Непосредно при посета на општината од страна на АППТ се одржа и трибина со туристичкиот сектор и заинтересирани локалци за зголемување на туристичката понуда во Македонски Брод. При конструктивната дискусија се даваа предлози, се мапираа недостатоците за туристички развој, се разгледуваа потенцијалите, потребата од зголемување на промоцијата и се акцентираше важноста од лиценцирани туристички водичи. “Со зголемена промоција и раст на бројот на туристи домашни и странски Македонски Брод може да биде добар пример како еко-туризмот може да придонесе за економски бенефит на локалното население”,-потенцираше директорот Јаневски.
Директорот Јаневски одржа предавање на тема рурален и еко туризам пред учениците во општинското училиште СОУ„Св.Наум Охридски“-угостителско-туристичка струка и рурален туризам. Целта е да се поттикнат младите да го збогатат своето знаење со компетенци и вештини кои подоцна истите ќе ги вложат во развој на туристичкото претприемништво во општината и ќе остварат економски бенефит за заедницата во која живеат.
Попладнево пак Директорот Јаневски објави дека ги посетил Пештерите Пешна и Горна Слатинска пештера.
За потсетување неколку километри до Македонски брод, покрај патот за Самоков, може да се види пештерата Пешна, прогласена за споменик на природата. Се наоѓа од десната долинска страна на реката Треска. Изградена е во доломитски мермери. Со димензии 16,8 * 52,4 метри, според спереолозите, ова е најголемиот пештерски влезен отвор на Балканот. Таванскиот дел на отворот има висина од 40 метри, а самата пештера околу 50 метри. Должината на пештерата е 124 метри. Во пештерата се гнездат ластовици, а во неа живеат и лилјаци. Пешна во “Нујорк Тајмс” е опишана како идентична на измислените пештери во “Господарот на прстените” од Толкин. Неколку стотини метри од пештерата тече реката Треска, нудејќи идеално место за рибарење и пикник. Локалитетот на пештерата е пристапен за сите посетители, со пријатен амбиент за рекреативен туризам.
Горна Слатинска Пештера — пештера сместена во непосредна близина на поречкото село Слатина. Таа се наоѓа од левата долинска страна на Слатинска Река, на ридот Баба (751 м) на падините на планината Песјак. Влезот на пештерата е на 620 м н.в. и е со југозападна експозиција. Таа има два отвори, односно влезови или влез и излез, при што целата е поврзана и претставува своевиден тунел-канал. Пештерата е изградена во доломитски мермери со прекамбриумска старост. Првични податоци за оваа пештера дава Јовановиќ во 1928 година. Тој ја именува како I Слатинска Пештера, додека месното население ја нарекува Горна Слатинска.
Низ целата должина на пештерата има видови кои се карактеристични за надворешниот простор. Такви се некои полжави од семејството Zonitidae, мокрици (Isopoda) и различни видови диптери (комарци од семејствата Culicidae и Limoniidae). Од поважните видови кои се поврзани со пештерата се регистрирани некои стоногалки (Lithobius sp.) и два вида лилјаци (Rhinolophus hipposideros, Rhinolophus sp.).
Фото: ФБ Љупчо Јаневски