Кирил Петков не го видел францускиот предлог за Северна Македонија

Бугарскиот премиер не отстапува од ставот дека бугарскиот парламент е последната инстанца за прашањето за Северна Македонија.

Бугарскиот премиер Кирил Петков не отстапува од ставот дека бугарскиот парламент е последната инстанца за прашањето за Северна Македонија, откако бугарскиот претседател Румен Радев во средата (01.06) ја навести можноста за одржување на референдум за ова прашање, префрлајќи ја топката кај народот, кој според него е последната инстанца која што треба да одлучи.

Петков вели дека Бугарија отсекогаш била отворена и подготвена да разговара со сите европски партнери доколку имаат значајни предлози, но тие мора да бидат во рамковната позиција на Бугарија. „Што и да се направи, мора да се потврди преку рамковниот став на Бугарија, а да помине и низ бугарскиот парламент“, дециден е бугарскиот премиер.

Тој тврди дека лично не го видел планот на Франција за посредување за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. „Лично планот на Франција го немам видено црно на бело“, вели Петков.

Бугарскиот претседател Румен Радев одби да учествува заедно со премиерот Кирил Петков на средба со францускиот претседател Емануел Макрон за Северна Македонија, но за првпат навести дека е можен референдум во земјата околу ова прашање. Организирањето на референдум би траело долго време, што може да ги блокира билатералните преговори и дополнително ќе ја замрзне европската перспектива на регионот.

За проширувањето на Западен Балкан се расправаше и на конгрес на Европската народна партија (ЕПП) изминатите два дена во Ротердам, Холандија. По Европскиот парламент и конгресот на Европската народна партија во Ротердам усвои резолуција во која се наведува дека неспроведувањето на Договорот со Бугарија е главна пречка за усвојување на преговарачката рамка и почетокот на преговорите.

 

 

Дојче Веле