„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што повеќе пати кажа ние сме за почитување и проширување на правата на сите заедници вклучително Хрватите, Црногорците, Бугарите, и сите други малцински заедници кои што постојат во нашето општество. Но, истовремено тоа што треба да го поставиме ние како кредибилна и цврста надворешна политика е да бараме од Бугарија отстапување од тие анти европски ставови кои што се поврзани со македонскиот јазик, македонскиот идентитет, обидот за наметнување на неевропски толкувања на историските процеси и токму тука ние треба цврсто да застанеме“, истакна Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Муцунски додаде дека Македонија постојано работела и ќе работи и за подобрување на човековите права на сите заедници во државата.
„Проблемот кој што се случува е тоа што имаме Влада која што води веќе подолг период надворешна политика без никаков фокус и без можност за да се постигнат резултати кои што постојано ја ставаат Република Македонија во подредена позиција. И тука е нашата грижа за капацитетот на оваа Влада да прифати решение по секоја цена“, рече Муцунски.
Муцунски посочи дека времето ќе покаже што Владата ќе прифати или нема да прифати бидејќи Влада предводена од оваа иста политичка партија во минатото исто така ја убедуваше македонската јавност дека не е подготвена да прифати одредени промени, но потоа истите ги прифати.
„И проблемот од другата страна го имате во Софија, која што прави една генерациска грешка и неправда врз Македонија. Наштетува на регионалниот безбедносен интерес, и со овие чекори кои што ги приредува на секојдневна основа, онаа агресивна и безобразна надворешна политика само работи на влошување не меѓучовечките односи помеѓу двете нации. И не прави ништо за да се подобри деловната соработка, инфраструктурната соработка. Што значи дека проблем имаме сериозен и во тоа што во Софија се нема слух и разбирање за што е регионален интерес, што е национален интерес и на Република Македонија и на Република Бугарија“, појасни Муцунски.
Муцунски укажа дека тој во овој момент е умерен песимист дека може да се дојде до било какво решение бидејќи смета дека и од двете страни нема капацитет за рационален разговор. Разговор кој што ќе го почитува минатото и ќе гледа и кон иднината.
„И затоа ние го правиме тоа што можеме да го направиме барем во Република Македонија, да гарантираме стабилен пат напред со Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која што ќе знае да воспостави стратегија која што ќе постигнува резултати во надворешната политика, која што ќе гради доби односи и билатерално и мултитерално ниво, и која што ќе ја застапува Македонија како што таа заслужува да биде застапена“, нагласи Муцунски.
извор: ВМРО ДПМНЕ
фото: ВМРО ДПМНЕ