Владата предводена од ДУИ и СДСМ, водена од своето незнаење и неспособност да се справи со предизвиците во областа на економијата, е на пат целосно да ја деградира пазарната економија во Македонија и уставното начело за слобода на пазарот и претприемништвото. Два од трите главни пазари, тој за труд и пазарот за стоки и услуги, се во голема мера нарушени, било од погрешни или од политики втемелени на брутален популизам. Единствено опстојува третиот, финансискиот пазар. Наместо да се стремиме кон исполнување на критериумот за „функционална пазарна економија“, кој го бара ЕУ од земјите кандидатки за членство, ние се оддалечивме за светлосни години од ваквата определба, вели за Фактор универзитетскиот професор и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.
Во оваа насока е и крајно непримерната закана на Заменик премиерот за економски прашања, г-динот Фатмир Битиќи, кон трговските компании, во однос на нивните деловни одлуки по престанокот на важење на некои од анти-кризните мерки на Владата. Можеби и би можело да се премине преку неговата квалификација дека нивните одлуки околу цените на одредени производи биле „некоректни и неморални“, но како да се сфати неговата закана кон компаниите со инспекции? Откако Владата одлучи да не ги продолжи мерките за замрзнување на маржите и за нулта стапка на ДДВ кај одредени производи, реакцијата на трговците беше сосема очекувана. Македонија макотрпно гради пазарна економија веќе триесет години и е легитимно Владата да се грижи единствено за две работи на пазарот за стоки и услуги, поврзани со стандардот на граѓаните: фер конкуренција на пазарот, за што постои и посебна институција, Комисија за заштита на конкуренцијата, и поддршка на одредени ранливи групи во општеството со мерки на социјалната политика.
Секое друго мешање на високи владини претставници во функционирањето на слободниот пазар, а посебно преку закани упатени кон субјектите кои секојдневно се борат за опстанок на пазарот, е потврда дека, покрај „бугарското вето“, постојат и голем број други препреки на нашиот пат кон ЕУ. Очекувам остра реакција од коморите и другите бизнис асоцијации за заканите упатени кон компаниите од страна на г-динот Фатмир Битиќи.
Текстот е превземен од Фактор
фото: NEWS1.mk