Голем пожар во Бангладеш одзеде 34 животи

Најмалку 34 лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени во разорниот пожар во пристанишниот град Читагонг јужно од Бангладеш, што избувна во саботата околу 23 часот по локално време, известува Агенција Анадолија (АА).

„Досга имаме евидентирано 34 смртни случаи и повеќе од 300 повредени. Некои од повредените се во многу критична состојба. Две лица префрливме во Одделот за интензивна нега, а некои од повредените се префрлени во главниот град Дака поради подобро лекување“, изјави за АА бригадниот генерал, д-р Шамин Ахсан, директор на болницата „Чатограм Медикал Колеџ“.

Меѓу загинатите наводно има 7 пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот. Десетина пожарникари и полицајци се повредени во текот на акцијата за спасување.

Државната новинска агенција „Бангладеш Сангбад Сангста“ и други локални медиуми објавија дека во пожарот животот го загубиле 33 лица, а повредени се 400.

Во гаснењето на пожарот учествуваат 25 пожарникарски екипи и единици на Цивилната одбрана.

Очевидците и спасувачите изјавија дека пламенот започнал во контејнер и набргу се проширил на останатите магацини во кои се наоѓаат повеќе од 1.000 контејнери.

Властите соопштија дека смртоносниот пожар предизвикал и огромни економски загуби, бидејќи се уништени контејнери со хемикалии и други материјали за главниот извозен сектор на бангладешката индустрија за облека.

Премиерката Шеик Хасина изрази сочувство поради трагичниот инцидент и вети отштета за семејствата на загинатите.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).